Шокантна измама со храна во 57 земји: Евтино вино продавале како скапо, а расипана храна добивала нови етикети!
Во масовна полициска операција координирана од Европол и Интерпол е откриена голема меѓународна измама со храна. Акцијата опфатила 57 земји, а резултатот е заплена на фалсификувани и здравствено неисправни производи вредни речиси 80 милиони евра. Уапсени се 79 лица, а разбиени се 18 организирани криминални групи.
OPSON XV траела шест месеци и открила измами со месо, алкохол, овошје, зеленчук и маслиново масло
Истражителите утврдиле дека евтини вина биле продавани како луксузни и скапи со лажни етикети. Во маслиновото масло биле додавани други сомнителни супстанции, а храна со истечен рок, па дури и целосно расипани производи, била препакувана со нови датуми и повторно пуштана во продажба.
Запленети се 526.328 производи, 227.800 литри пијалаци и повеќе од 1,65 милиони килограми храна
Според официалните податоци на Европол, во рамките на акцијата биле пријавени 428 лица пред надлежните судски органи. Од Европол предупредуваат дека ваквите измами не се само финансиски криминал, туку и сериозна закана за јавното здравје, бидејќи можат да предизвикаат тешки заболувања и директно ги загрозуваат стандардите за безбедност на храната.