Запознајте го таткото со сопствена армија од 400 тенкови што се појавија во филмови како „Спајдермен“ и „Брзи и бесни“
Ник Мид има 65 години и на својата фарма во Хелмдон, Нортхемптоншир, ја води компанијата „Tanks-a-Lot“ — место каде што посетителите не само што гледаат вистински оклопни возила, туку можат и лично да ги возат. Во неговата колекција има околу 400 функционални тенкови и воени возила, меѓу нив погребно возило-тенк, тенк-лимузина и борбени машини што биле дел од холивудски продукции како „Брзи и бесни 6“, „Клисура“ (The Gorge) и „Спајдермен: Сосема нов ден“. Поголемиот дел од тенковите потекнуваат од Втората светска војна, а неговите возила денес се изнајмуваат за настани, реклами, музички спотови, филмови, фотосесии, па дури и за помош при евакуација на настрадани во Украина.
In This Article:
„Во моментов секојдневно ми нудат нов тенк“
Иако бизнисот е исклучително профитабилен, Мид вели дека парите не ги вади за себе. Наместо тоа, ги враќа назад во купување, поправка и одржување на возилата, затоа што, како што вели, едноставно го сака тоа што го работи. „Не ми требаат ниту сакам да вадам многу пари од овој бизнис. Само сакам добро да се забавувам и да го правам она што го сакам. Премногу сум среќен. Имаме избор од многу ретки и необични тенкови за кои не верувам дека постои друго место на светот каде што би можеле да отидете и да ги возите. Во моментов секојдневно ми нудат нов тенк и купуваме онолку колку што можеме. Кога возам по патот, сите ми мавтаат. Сите сакаат тенкови“, раскажува тој.
Две самоодни хаубици „Abbot“ за 3.600 фунти го запалиле бизнисот
Љубовта кон оклопните возила почнала уште во детството. Мид престојувал во куќата на пријател на неговиот татко, човек кој поседувал тенкови, и таму првпат си играл со нив. До 30-тата година веќе гледал огласи за тенкови и се обидувал да купи неколку, но немал среќа. Пресвртот дошол кога конечно успеал да набави две самоодни хаубици „Abbot“ за 3.600 фунти, односно околу 4.150 евра. Набрзо потоа му се јавила компанија која сакала да организира тим-билдинг ден со тенкови. Од тој момент, приказната почнала да расте со неверојатна брзина. „Тоа беше огромен успех. Оттогаш сите почнаа да изнајмуваат тенкови, а со само два настани се исплаќаше цел тенк. Луѓето секогаш велат дека во првата година од бизнисот губиш пари, но јас бев во профит уште во првите две недели“, вели Мид.
Тенк-лимузината го возела Најџел Фараж, а „Топ гир“ снимаше со неговите машини
Денес неговата флота вклучува оклопно погребно возило и тенк-лимузина, во која неодамна го возел и британскиот политичар Најџел Фараж. „Tanks-a-Lot“ организира ергенски и момински вечери, тури со тенкови низ Лондон, погреби, реклами, музички спотови, филмови и фотосесии. Мид возел и многу познати светски имиња, меѓу кои Наоми Кембел, Бил Бејли и Хари Хил. Неговите тенкови се појавиле и во култната емисија „Топ гир“ со Ричард Хамонд, Џереми Кларксон и Џејмс Меј. Неодамна ги возел и холивудските ѕвезди Крис Хемсворт и Скарлет Јохансон за специјален настан.
„Наоми Кембел беше на мојот тенк целосно гола, пукајќи од два митралези“
За Мид, средбите со познатите личности се само уште еден дел од секојдневието на човек кој живее меѓу тенкови. „Прекрасно се забавував. Имаше секакви познати личности. Беше брилијантно, само јас и мојот тенк. Наоми Кембел беше вистински ангел, огромно задоволство за соработка. Таа беше на мојот тенк целосно гола, пукајќи од два митралези. Тоа е сцена што тешко се заборава“, додава Мид со насмевка. Тој вели дека, ако сите негови возила би се произведувале денес, би вределе милијарди, но дека е тешко да се одреди точната вредност додека стојат на поле. Тенковите се достапни за возење и за пошироката јавност, што според него помага да останат во возна состојба. Мид постојано купува и продава возила. Дел од знаењето го употребиле и за помош во Украина: „Кога започна војната, дневно ми се јавуваа по пет Украинци, а некои доаѓаа лично. Ние сме добри во оспособувањето на возилата и преправивме многу од нив за медицинска евакуација на настрадани.“ Поранешниот месар вели дека оваа работа не би ја препорачал на секого што не е вешт инженер и нема контакти во индустријата, бидејќи оклопните машини се исклучително сложени за одржување. Неговиот личен фаворит е легендарниот германски тенк „Тигар“ од Втората светска војна, еден од најпрепознатливите тенкови во светот. Покрај возилата, поседува и оклопна просторија полна со антикно оружје од 18 век, како и гранати и базуки. Толку многу си ја сака работата што нема намера да се пензионира во следните 20 години, по што управувањето ќе го преземе неговиот син Ешли.