Записот на екипажот од авионот што ја фрли бомбата врз Хирошима криел морничав детал што научниците дури сега го сфатија
Во раните утрински часови на 6 август 1945 година, над јапонскиот град Хирошима се отворија „вратите на пеколот“. Американската војска тогаш ја фрли првата атомска бомба, а во разорниот напад десетици илјади луѓе го загубија животот во еден единствен миг. Додека на земјата се нижеа сцени на незамисливо страдање, американскиот бомбардер „Енола Геј“ (Enola Gay), од кој беше исфрлена бомбата, забрзано се оддалечуваше од градот. Во меѓувреме, од огромните пожари што ја зафатија Хирошима почна да се издигнува гигантски облак од чад и саѓи, создаден од разорната експлозија и огнената стихија.
In This Article:
Во 10:52 часот, Теодор Ван Кирк запишал „ОБЛАКОТ ИСЧЕЗНА“
Само 97 минути подоцна, според локалното време на островот Тинијан, навигаторот внел кратка белешка во дневникот на летот на авионот. Неколку зборови ги испишал со големи букви: „ОБЛАКОТ ИСЧЕЗНА“ (CLOUD GONE). Навидум безначајниот запис, кој со децении поминувал речиси незабележано, денес на научниците им овозможи сосема нов увид во една од најразорните појави забележани по нуклеарниот напад. Според истражувањето предводено од Дејвид Ромпс од Универзитетот на Калифорнија во Беркли, оваа кратка белешка открива колку високо се издигнал облакот од саѓи по бомбардирањето на Хирошима. Научниците заклучија дека облакот достигнал висина од најмалку 11,3 километри над тлото, што претставува податок од огромно значење за разбирањето на можните глобални последици од евентуален нуклеарен судир. „Пожарот што ја зафати Хирошима ги подигна саѓите длабоко во горните слоеви на тропосферата, што е во согласност со сценаријата за нуклеарна зима“, се наведува во научниот труд објавен во списанието „Geophysical Research Letters“.
„Малото момче“ го претвори градот во огнена бура што ја отвори расправата за нуклеарна зима
Последиците од нуклеарната експлозија не завршуваат во моментот на детонацијата. Откако експлодираше атомската бомба „Малото момче“ (Little Boy), огнот молскавично се прошири низ градот, а поединечните жаришта се споија во огромна огнена бура. Екстремно високите температури предизвикаа силни нагорни воздушни струења кои ги носеа чадот и саѓите високо во атмосферата. Доколку доволно саѓи стасаат до стратосферата, тие можат да се задржат таму со месеци, па дури и со години, блокирајќи дел од сончевата светлина и предизвикувајќи глобално заладување на планетата. Во случај на голем нуклеарен судир, збирниот ефект од бројните пожари би можел да покрене таканаречена нуклеарна зима со катастрофални последици по земјоделството и производството на храна ширум светот. Сепак, меѓу научниците долго време постоеја несогласувања околу тоа дали нуклеарните пожари навистина можат да ги подигнат саѓите на толкава висина или, пак, најголемиот дел од честичките би останал во пониските слоеви, од каде што дождот брзо би ги измил. Бомбардирањето на Хирошима е единствениот познат историски случај во кој по нуклеарна експлозија настанала ваква огнена стихија. Три дена подоцна, во Нагасаки, не дошло до појава од такви размери. Поранешните истражувачи се обидувале да ја утврдат висината на облакот анализирајќи стари фотографии, но нивните пресметки зависеле од премногу непознати фактори.
На 750 километри од Хирошима, екипажот не го загубил облакот под хоризонтот, туку во измаглица
Ромпс и неговите колеги одлучиле да побараат поинаква трага во историските документи и ја пронашле токму во дневникот на летот на бомбардерот „Енола Геј“. Движењето на авионот тој ден било прецизно документирано од минута во минута. Кога Ван Кирк, точно 97 минути по експлозијата, запишал дека „облакот исчезнал“, авионот се наоѓал на оддалеченост од околу 750 до 764 километри од Хирошима, на висина од приближно 7.440 метри. Тоа ги навело истражувачите на клучно толкување: облакот всушност не се распаднал, туку екипажот повеќе не можел да го види од местото на кое се наоѓал. За тоа сведочи и посебен воен меморандум во кој е забележано дека видливоста на екипажот во тој момент била ограничена поради атмосферската магливост, а не поради закривеноста на Земјата. Оваа разлика била пресудна за истражувањето. Да исчезнел облакот под хоризонтот, тоа би значело дека неговата висина била помала. Но, штом сè уште се наоѓал над хоризонтот и станал невидлив дури поради атмосферската измаглица на толкава оддалеченост, тогаш морал да достигне исклучително голема висина. За да го пресметаат прекршувањето на светлосните зраци низ различните слоеви на атмосферата, научниците користеле три историски метеоролошки реконструкции на температурата и воздушниот притисок од тој ден, а потоа спровеле 100.000 компјутерски симулации за да ги опфатат сите можни отстапувања во положбата и висината на авионот. Со сигурност од 95 проценти, тимот утврди дека облакот од саѓи се издигнал на најмалку 11,3 километри висина. Иако самото бомбардирање на Хирошима како поединечен настан не предизвика нуклеарна зима, ова откритие претставува директен историски доказ дека нуклеарните пожари навистина имаат моќ да ги исфрлат саѓите во високите слоеви на атмосферата, што е еден од главните предуслови за настанување глобална климатска катастрофа при масовен нуклеарен судир.