Во Битола по петти пат „Вистинска парада на гордоста” како контрапарада на „Скопје Прајд“ 2026
На 20 јуни, во сабота, со почеток од 20:00 часот, плоштадот Магнолија во Битола ќе биде почетната точка на маршот што организаторите го најавуваат како контра марш на Парадата на гордоста, закажана за истиот ден во Скопје. Според најавата, Скопје Прајд 2026 ќе се одржи под слоганот „Сите нека знаат“, додека во Битола повторно се организира „Вистинска парада на гордоста”.
Од Магнолија преку Широк сокак до паркот, со неколку кратки обраќања на крајот
Организаторите објавија дека начелата по кои се водени за поддршка на „Вистинската парада на гордоста” се: - Дом - Семејство - Родители — МАЈКА и ТАТКО - Деца „Начела дадени од Бога и начела по кои треба да ги воспитуваме нашите деца и идните наши генерации после нас во духот на нашата православна христијанска вероисповед. Ве очекуваме сите заедно со вашите најблиски да се собериме на плоштадот Магнолија каде сите заедно со еден марш низ Широк сокак да се упатиме до паркот, каде ќе се одржат неколку кратки обраќања за мотивите на организирањето на ваквата парада”, велат организаторите.
Свештеници на МПЦ-ОА повторно го поддржуваат маршот, Здравевски повика преку Фејсбук
Маршот и годинава го поддржуваат свештеници на МПЦ-ОА. Стефан Здравевски повика на поддршка и напиша: „Иако ништо нема да промениме сепак да покажеме на која страна сме! Секој ште ќе се најде во близина и може да дојде а не доаѓа, тоа значи дека е на другата страна! Повелете и придружете ни се“, напиша свештеникот Здравевски на Фејсбук.