Како да го заштитите вашето работно место од вештачката интелигенција?
Meta, Nike, Intuit, UPS – секојдневно се слуша за нови отпуштања, а многу често причината е токму вештачката интелигенција. Според најнови податоци на Goldman Sachs, во изминатата година АИ месечно придонела за намалување на бројот на работни места во САД за околу 16.000.
In This Article:
- Најважните и највредни работни места се најмногу изложени на опасност од автоматизација преку АИ
- Разделете ја вашата професија на задачи: што може АИ најлесно да превземе од вас?
- Аредниот менаџмент најранлив за замена со АИ
- Професии во угостителство, здравство и занаетчии ќе бараат физичко присуство уште најмалку една деценија
- Фокусирајте се на некопираливи вештини: емпатија, комуникација и креативност
- Запознајте ги АИ алатките и тестирајте како може да ви ја олеснат работата – наскоро тие ќе бидат секојдневие како интернетот
- Сега е најдобро време да бидете иноватор – ако можете да го замислите, можете и да го направите со помош на АИ
- Човечкиот фактор останува клучен дури и кога АИ превзема дел од задачите
Најважните и највредни работни места се најмногу изложени на опасност од автоматизација преку АИ
Најголем ризик се појавува кај таканаречените „knowledge workers“ бидејќи нивната работа најдобро ја реплицира АИ – со натчовечка брзина, 24 часа дневно. „Највредните професии, оние за кои им велиме на луѓето да одат на факултет – софтверски инженери, финансиски стручњаци, сметководители, правници – токму тие, многу когнитивни професии, се најмногу ранливи… на автоматизација од страна на АИ“, истакнува Дејвид Шрајер, професор по АИ и иновации на Империјал Колеџ во Лондон.
Разделете ја вашата професија на задачи: што може АИ најлесно да превземе од вас?
„Пред да ја обезбедите вашата кариера за иднината, потребно е објективно да разгледате што точно правите на работа. Замислете ја работата како колекција од задачи меѓу кои се пренесувате повеќе пати во денот“, советува Одет Нов, професор по менаџмент на технологии на New York University. Најавтоматизирани се најповторувачките, едноставни компјутерски задачи, како процесирање трошоци. Колку е поуправуван и предвидлив процесот, толку е поранлив на автоматизација.
Аредниот менаџмент најранлив за замена со АИ
Генералниот директор на Cloudflare во Wall Street Journal напиша дека отпуштил 20% од својата работна сила, главно среден менаџмент и вработени кои работат на ревизии, операции и усогласување, односно тие што ја „мереле“ работата. „АИ не доаѓа по креаторите или продавачите, туку по мерителите. Неуморни, независни и ефикасни, АИ системите денес може да мерат организација со ниво на деталност и прецизност што беше невозможно дури и за најдобрите вработени“, наведува тој.
Професии во угостителство, здравство и занаетчии ќе бараат физичко присуство уште најмалку една деценија
Одредени работни места – како во угостителството, здравствениот сектор и занаетчиите – засега задолжително бараат физичко присуство. Роботиката е барем една деценија одалечена од целосна замена на тие улоги.
Фокусирајте се на некопираливи вештини: емпатија, комуникација и креативност
По сопствената анализа на задачите, вложете во вештини кои не се повторливи, не се предвидливи и не се споредливи со правила. Во прилог на физичките задачи, АИ сè уште не се снаоѓа добро со задачи што бараат емоционална и социјална свест, како согледување на организациската култура или динамика во група, додава Нов. АИ е рекурзивен, но не и иновативен или креативен. „АИ е лош во креативноста, но изненадува со тоа колку добро развива креативни промптови. Мора сепак човек да даде идеја и да води АИ да направи нешто интересно“, нагласува Шрајер. Посебно развивајте ги тие вештини – убедување, градење доверба со клиенти, емпатија.
Запознајте ги АИ алатките и тестирајте како може да ви ја олеснат работата – наскоро тие ќе бидат секојдневие како интернетот
Научете ги поголемите АИ системи: поставувајте прашања на разни четботови околу вашата професија и пробајте ги нивните совети. Играјте со нови алатки за кодирање и правење апликации без програмирање. Но, она што АИ го прави навистина корисен на работа не се класични четботови, туку АИ агенти – програми што работат сами, донесуваат одлуки и спроведуваат задачи целосно автономно. Може самите да научите да правите вакви агенти, а четботот ќе ви помогне на секој чекор. Пробајте го прашањето: „Сакам да научам како да направам АИ агент. Води ме низ чекорите за да создадам агент кој може да извршува [одредена задача]“.
Сега е најдобро време да бидете иноватор – ако можете да го замислите, можете и да го направите со помош на АИ
„Во некои погледи, никогаш не било подобро време да се биде претприемач, бидејќи ако нешто можете да го замислите, можете и да го направите“, објаснува Шрајер. „Има луѓе што прават моќен софтвер за компаниите само со напишан промпт на едноставен англиски јазик.“
Човечкиот фактор останува клучен дури и кога АИ превзема дел од задачите
Дури ни професиите особено погодени од АИ – како програмирањето – нема целосно да исчезнат за луѓето. Дарио Амодеи, CEO на Anthropic, објасни на Светскиот економски форум дека нивните вработени сè уште ги уредуваат и прегледуваат кодовите, дури и кога не го пишуваат од нула. „Во најдобар случај, досадните задачи кои се дел од денешната работа ќе ги преземе АИ, а човекот ќе се фокусира на позабавните и покреативните“, вели Нов. „Многу е веројатно – ако гледаме во историјата – дека ќе се создадат нови работни места од комбинации на досега непостоечки задачи.“