Уапсен легендарниот хрватски фудбалер Дарио Шимиќ
Хрватскиот Уред за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК), во соработка со полицијата, утрово спроведе голема антикорупциска акција, при што е уапсен легендарниот хрватски фудбалер Дарио Шимиќ. Заедно со него е приведена и Неда Ливљаниќ, поранешна раководителка на Одделот за туризам при Службата за економија и имотно-правни работи на Шибенско-книнската жупанија.
In This Article:
Истрагата се однесува на туристички проекти
Според досегашните информации, истрагата се однесува на сомнежи за незаконски постапки при издавање дозволи поврзани со туристички проекти. Истражителите се сомневаат дека Шимиќ, со посредство и влијание на Ливљаниќ, незаконски ги обезбедил потребните одобренија за изградба и работа на автокамп на атрактивна локација во Тисно.
Ливљаниќ и претходно била под истрага
Ливљаниќ и претходно била предмет на истраги за злоупотреба на службената положба и незаконско издавање дозволи за кампови на островот Муртер. Новата акција, според хрватските медиуми, претставува продолжение на поширока истрага за можни коруптивни шеми во областа на просторното планирање и туризмот.
УСКОК: По испитувањата ќе следува одлука
Засега против осомничените не е поднесено обвинение, а УСКОК соопшти дека по завршувањето на испитувањата ќе донесе одлука за понатамошните правни чекори и ќе ја информира јавноста за текот на постапката.