Тексашки пастор предизвика бес со тврдењето дека жените мора да ослабат 10 или 15 килограми за да најдат сопруг
Тексашкиот пастор Џоел Вебон повторно ја вознемири јавноста откако им порача на младите сами жени дека мора да ослабат меѓу 10 и 15 килограми ако сакаат да се омажат. Вебон, кој е старешина на црквата Ковенант Бајбл во Остин и основач на организацијата Righteous Response Ministries, се најде под жестока критика поради изјавите дадени на почетокот од месецот.
In This Article:
- Јавната изјава на Вебон: Главниот совет за девојките е – ослабете 10 до 15 килограми
- Жестоки реакции
- Сексистички и контроверзни ставови: Жените не треба да гласаат, а сопругата не смее да чита што тој не одобри
- Контрола во домот и желба за христијански диктатор за Америка: „Имам речиси неограничена власт врз сопругата и децата“
Јавната изјава на Вебон: Главниот совет за девојките е – ослабете 10 до 15 килограми
Во емисијата на Righteous Response Ministries од 3 декември со наслов „Плодност, убавина и покорност“, Вебон директно рече: „Советот за млади, самечки жени кои сакаат да бидат мажени, а чувствуваат дека ги прескокнуваат, е: Има многу работи кои може да ги направите, но главната е да му верувате на Господ и да ги претставите Вашите желби пред Него во молитва. Речете: Господи, искрено сакам да бидам сопруга и мајка, ако е тоа Твоја волја, испрати ми сопруг. Тоа е клучно. Бидете во добра локална црква каде што има побожни мажи. Побарајте помош од вашиот татко, разговарајте со старешините за да видат дали познаваат самец што би Ви одговарал. Еве уште еден совет кој луѓето не го сакаат... ослабете 10 до 15 килограми.“
Жестоки реакции
Изјавата на Вебон предизвика мешани реакции и бура на социјалните мрежи. Дел од корисниците го обвинија дека има омаловажувачки ставови кон жените и го етикетираа со навредливи квалификации, додека други застанаа во негова одбрана, тврдејќи дека неговите зборови претставуваат практичен совет. „Господине, ова што го изнесувате е одвратно и не е во духот на христијанските вредности“, напиша една жена. Други, пак, реагираа со иронија, велејќи дека ќе се здебелат „за да држат дистанца од вакви мажи“. Имаше и коментари кои го поддржуваа, со став дека тој промовира вера, молитва и здрав начин на живот, прашувајќи се „каде е проблемот“.
Сексистички и контроверзни ставови: Жените не треба да гласаат, а сопругата не смее да чита што тој не одобри
Вебон има долга историја на контроверзни ставови. Во јуни изјави дека жените не треба да имаат право на глас: „Ако имаме христијанска нација и на жените им се дозволи да гласаат, за 50 години веќе нема да имаме христијанска нација.“ Тој често тврди дека сите книги што ги чита неговата сопруга Меган мора да бидат одобрени од него: „Има книги за кои сум морал да кажам: ’Не знам дали книгата е лоша, но јас немам време да ја прочитам, па не ќе ја читаш ниту ти. Ќе ја читаме заедно.‘“ Вебон смета дека сопругата не смее да има знаење што тој го нема, зашто, според него, Бог забранува жената да го поучува сопругот.
Контрола во домот и желба за христијански диктатор за Америка: „Имам речиси неограничена власт врз сопругата и децата“
Според сопственото признание на Вебон, тој ја контролира секоја ситница во своето семејство, вклучително и кога неговите деца одат во тоалет: „Имам 4 луѓе во мојот живот за кои го одредувам времето во денот. Јас одредувам кога одат во тоалет, кога јадеме, што јадеме, што носиме. Тие се мои деца. Тоа се луѓето врз кои имам речиси неограничена власт.“Вебон смета дека Америка треба да биде владеена од „христијански Цезар“ што „би владеел со железна рака“ и ќе бара од сите барем да се преправаат дека се христијани. Вели дека би додал пролог со Апостолскиот Символ на Верата во Уставот на САД.