No Image x 0.00 + POST No Image

Тајните на долг и среќен живот од луѓе постари од 100 години

SHARE
21

Што е тоа што ги прави некои луѓе отпорни, радосни и полни со живот дури и кога ќе го прослават својот 100-ти роденден? Дали е генетиката, навиките, љубовта… или нешто сосема друго? Во една неодамнешна видео-сторија на Business Insider, пет луѓе кои веќе ја поминале границата од еден век зборуваат за тоа што ги одржува во живот – и дух, и тело. Се викаат Барбара (101), Дајан (102), Џек (101), Хелен (107) и Маргарет (102), и сите имаат нешто да кажат – за љубовта, здравјето, технологијата, загубата, но пред сè – за среќата.

Тајните на долг и среќен живот од луѓе постари од 100 години

ЗА ЉУБОВТА

Барбара вели со затворени очи и голема искреност: „Толку е важно да чувствуваш љубов. Не велам дека љубовта го движи светот, ама многу помага.“ Што се однесува до старата изрека дека спротивностите се привлекуваат – Маргарет и Барбара не се согласуваат со тоа. Маргарет: „Сличноста создава цврст брак. Тоа е љубов.“ Барбара додава: „Кога се согласувате, кога сте на иста страна и сакате заедно да го живеете животот – тоа е вистинска врска.“

ЗА ЉУБОВТА

ЗА СМРТНОСТА

Џек со топлина и тага раскажува: „Најтешко на овие години е што понекогаш времето ти тежи. Немам веќе ниеден од моите добри пријатели. Сите се заминати. Жена ми почина пред 20 години. Требаше да е тука, со мене. Сега. Овде.“ И потоа со сила додава: „Јас сум последниот што остана. Не е лесно. Ама ако седам и жалам цел ден, ќе полудам. Животот оди понатаму. Тоа е единствениот одговор што го имам. Животот оди понатаму. Затоа прави ги работите што ги сакаш.“ Хелен вели дека изгубила двајца синови, едниот неодамна – на 82 години. „Шокирана сум што јас уште сум тука, а тие не се. На моја возраст, секој чекор е предизвик. Се чувствувам како да сум на позајмено време.“ И Барбара зборува за загубата на својот сопруг: „Многу е тешко на овие години да си сам, ранлив и зависен од други.“

ЗА СМРТНОСТА

ЗА ТЕХНОЛОГИЈАТА

На прашањето „Што најмногу се променило во изминатите 100 години?“ – одговорот е едногласен: интернетот и мобилните телефони. Хелен љубопитно прашува: „Вистина е дека сте на Јутјуб?“ И се пошегува: „Гледам млади луѓе како шетаат со телефони во раце. Сите имаат, само јас немам.“ Џек додава: „Неверојатно е колку ѓубре има на интернетот.“ Но сепак признава: „Порано, за да најдеш одговор, требаше да одиш во библиотека и долго да истражуваш. Сега – со еден клик, одговорот е пред тебе.“ Маргарет пак, вели дека технологијата има и добра страна: „Ако се користи правилно, може да направи голема разлика. Можеш лесно да се поврзеш со луѓе, да праќаш и примаш пораки.“

ЗА ТЕХНОЛОГИЈАТА

ЗА ЗДРАВЈЕТО

Прашањето „Што ви помогна да доживеете 100?“ има сличен одговор од сите – движење. Џек: „Никогаш не сум пушел. Никогаш не сум пиел премногу. И не јадам премногу месо – иако сакам пилешко.“ Хелен додава: „Мора да се јаде здраво уште од млади години.“ Дајан, поранешна танчерка, вели: „Еден час дневно интензивно вежбање. Вистински тренинг. Тоа те одржува жив.“ Маргарет има поедноставен рецепт: „Шетај, шетај, шетај.“

ЗА ЗДРАВЈЕТО

ЗА СРЕЌАТА

Џек: „Не го пуштај старецот во себе. Одбивам да мислам како стар човек. Ако мислиш младо – ќе се однесуваш младо.“ Маргарет: „Секогаш имам нешто во календарот што го очекувам. Тоа те држи жив. Треба да имаш нешто што го правиш денес – што прави разлика.“ Барбара: „Пријателствата се важни. Имам пријатели од сите генерации – од 60 до 90 години. Тоа го прави животот интересен.“ На прашањето „Која е тајната на долг и среќен живот?“ Дајан: „Љубовта кон животот. Посветеност кон семејството. И да не си себичен.“ Џек: „Ако не се жалиш, нема да им го отежнуваш животот на другите. А и ништо не постигнуваш ако не почнеш да правиш нешто за другите.“ Барбара: „Врзи се со убави, позитивни работи. Да даваш е вистинска радост.“ Хелен, во црквата, споделува: „Ако си добар со луѓето – тоа ти се враќа.“ И конечно – најважното: позитивното размислување. Џек заклучува: „Не чувствувам дека ми се одбројани деновите. Напротив. Верувам дека имам уште добри години пред мене.“

ЗА СРЕЌАТА