Скандалозна незаинтересираност: Инспекторатот за животна средина со буџет од 10.000 евра - има пари за контроли само на тројца загадувачи
Македонските институции уште еднаш покажуваат колку сериозно ја сфаќаат заштитата на здравјето и животната средина. Со буџет што е доволен да провери максимално три индустриски капацитети годишно, Инспекторатот за животна средина лицитира со воздухот што го дишеме. За тој бесрамно мал буџет од 10.000 евра, додека народот секој ден се мачи со загадениот воздух, контроли се сведуваат на статистичка грешка. А институциите постојано бараат разбирање и доверба од страна на граѓаните – токму од тие што секој ден ги загрозуваат.
In This Article:
- Министерството ќе прави регистар на загадувачи, самите индустрии ќе се испитуваат – државата ги набљудува од далеку
- Директорката на Инспекторатот признава: За годишен надзор имаме пари за само три мерења, а загадувачите самите си ги испитуваат емисиите
- Дванаесет инспектори за цела Македонија – 1.700 контроли, статистика без вистински ефект во борбата со загадувањето
- Министерот најавува нови закони и тркалезни маси, но загадувањето не чека закони – загадувачите мирно продолжуваат по старо
- Најновите мерења во цементарницата УСЈЕ уште ги чекаме – резултатите (можеби) на наредниот месец, а дотогаш сите дишеме отров
Министерството ќе прави регистар на загадувачи, самите индустрии ќе се испитуваат – државата ги набљудува од далеку
Министерството за животна средина на големо најавува создавање јавен регистар на загадувачи. Но, целата контрола ќе се базира на лабараториски анализи што самите загадувачи ги прават врз себе. И сето тоа, бидејќи Инспекторатот нема пари ни од далеку да провери што навистина се случува во 120-те капацитети со А-интегрирана дозвола. Интересно е како државата верува дека секој загадувач ќе пријави искрено и чесно, бидејќи така пишува во законот.
Директорката на Инспекторатот признава: За годишен надзор имаме пари за само три мерења, а загадувачите самите си ги испитуваат емисиите
„Контрола врз капацитетите кои имаат А-интегрирана еколошка дозвола, согласно Законот за животна средина, најмалку еднаш годишно треба да врши Државниот инспекторат за животна средина. Има 120 инсталации кои имаат А-интегрирана дозвола, а ние имаме 600.000 денари (помалку од 10.000 евра н.з.) за мерење на лабораториски услуги. Едно мерење е околу 200.000 денари. Со нашиот буџет од 600.000 денари ние не можеме тоа да го правиме на секоја инсталација. Не може сега ние да имаме недоверба кон сите институции, кон судовите, кон инспекторите, кон нивниот мониторинг. Но, секогаш нели кога има некое сомневање дека се појавува чад во друга боја, некој непријатен мирис, ние можеме да направиме контрола, и правиме контрола. И ако резултатите излезат дека се повисоки гранични вредности, самата инсталација ги плаќа трошоците. Не ги плаќаме ние, туку инсталацијата. Но ако излезе дека резултатите се во ред како тие што ги прикажале, трошокот паѓа на нас. И ние како еден сиромашен инспекторат или Министерство, немаме ни толку средства за да направиме контрола на сите тие параметри кои тие ги прават. Една инсталација која има А-интегрирана еколошка дозвола треба да врши мерење не само на емисии во воздухот, туку и на отпадните води“, рече директорката на Инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска на денешниот брифинг во Министерството за животна средина.
Дванаесет инспектори за цела Македонија – 1.700 контроли, статистика без вистински ефект во борбата со загадувањето
Инспекторатот за животна средина располага со 12 инспектори. Директорката Гиновска гордо изјави дека за оваа мала бројка инспектори направени се 1.700 контроли, и тоа го презентира како некој успех. Но, кој ќе ни гарантира дека контролите нешто навистина менуваат, кога буџетот е понизок од капиталот на просечна мала фирма?
Министерот најавува нови закони и тркалезни маси, но загадувањето не чека закони – загадувачите мирно продолжуваат по старо
Министерот за животна средина Муамет Хоџа најавува нов Закон за контрола на индустриските емисии кој треба да стапи на сила во септември. „Јас индивидуално имав состаноци и со претставници на индустриските капацитети, но до крајот на овој месец ќе ги собереме на едно место сите за да можеме да дискутираме за новите правила, односно новите мерки што ги предвидува законот. Ќе биде организирана и јавна расправа за новата дозвола на УСЈЕ,“ рече Хоџа. Додека институциите најавуваат нови закони, граѓаните секојдневно ги плаќаат последиците од индустриското загадување.
Најновите мерења во цементарницата УСЈЕ уште ги чекаме – резултатите (можеби) на наредниот месец, а дотогаш сите дишеме отров
Инспекторатот овој месец изврши мерења во фабриката УСЈЕ, а резултатите се очекуваат на почетокот од наредниот месец. Единствената сигурност што ја имаме е дека повторно ќе бидат потрошени пари од буџетот, а одговорност за реалната состојба – како и досега – нема да има. Додека тоа се чека, граѓаните на Македонија продолжуваат да живеат во една од најзагадените земји во Европа.