No Image x 0.00 + POST No Image

Сензација кај Валандово: Најдена сребрена монета 150 години постара од Александар Македонски и раскошна римска бања

SHARE
0

На познатиот антички локалитет Исар кај валандовското село Марвинци се откриени наоди што отвораат нови прашања за најстарите слоеви на животот во долината на Вардар. Археолошкиот тим на Националниот археолошки музеј пронајде исклучително ретка сребрена монета и монументален комплекс на јавна римска бања, со невероватно зачуван антички систем за загревање на водата и просторот.

Сензација кај Валандово: Најдена сребрена монета 150 години постара од Александар Македонски и раскошна римска бања

Јане Клековски го водеше тимот со археолози од музејот, Струмица и Управата

Истражувањата ги спроведе Националниот археолошки музеј во соработка со Управата за заштита на културното наследство и Заводот и музеј од Струмица, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Валандово. Со тимот раководеше кустос-советникот Јане Клековски, заедно со стручните археолози Игор Ширтовски, Сања Битрак, Андриана Петковска, Стефан Трајковски, Васил Николовски, Елена Рафајловска и Славица Бабамова.

Јане Клековски го водеше тимот со археолози од музејот, Струмица и Управата

Ихнајците оставиле редок трако-македонски траг со бик и тркало

Меѓу најзначајните движни наоди се издвојува сребрена монета на Ихнајците, датирана во периодот од 500 до 480 година пред нашата ера. Таа потекнува од времето пред раѓањето на Александар Македонски и фрла ново светло врз најстарите историски хоризонти на локалитетот. Ихна бил древен антички град во Ботиаја, Македонија, лоциран во близина на устието на реката Лудиј на Термајскиот Залив. Овој значаен полис го споменува и таткото на историјата Херодот, заедно со престолнината Пела. Покрај архајската монета, откриени се и бројни бронзени монети од подоцнежните периоди, меѓу кои монета од Пела датирана меѓу 187 и 167 година пред нашата ера со претстава на богот Пан, како и монета на римскиот император Марк Аврелиј од емисиите на македонскиот коинон, од 161 до 180 година од нашата ера.

Ихнајците оставиле редок трако-македонски траг со бик и тркало

Базенот бил подлабок од 1,5 метри и обложен со осум видови полиран мермер

Во архитектонските ископувања е откопан монументален базен со димензии поголеми од 4,5 на 2,5 метри. Неговата масивна конструкција била изведена со специјален антички хидрауличен водоотпорен малтер, врз кој била поставена прецизна мермерна облога. Особено впечатливи се застаклувањето и политурата на мермерните површини, јасен показател за врвното мајсторство, завршната обработка и големото богатство вложено во естетскиот изглед на овој јавен простор.

Базенот бил подлабок од 1,5 метри и обложен со осум видови полиран мермер

Под бањата преживеал хипокаустот, а натпис од син мермер зборува за донатор

Досегашните сознанија укажуваа дека во градот постоела бања само со ладна вода, односно фригидариум, но новите ископувања потврдуваат дека по 2 век од нашата ера комплексот бил дограден со простории за капење со врела вода. Клучниот инженерски наод е одлично сочуваниот хипокауст, софистициран систем за подно и ѕидно загревање под самиот базен. Тој функционирал преку специјално ѕидана печка, префурниум, од која топол воздух циркулирал низ мрежа од керамички столпчиња и шупливи цигли под подот, загревајќи ги водата и амбиентот. Целиот комплекс бил поврзан со главната градска цистерна со свежа вода и денес се наоѓа на длабочина од околу седум метри под површината на теренот. Археолозите открија и мермерна биста на римски воен командант, делови од монументални скулптури, мермерни архитектонски украси и редок епиграфски споменик изработен од син мермер со посветен натпис. Според експертите, натписот најверојатно сведочи за ктиторска активност на богат граѓанин или донација за голема обнова на бањскиот комплекс. Во доцната антика, делови од објектот добиле нова намена како станбени одаи, занаетчиски дуќани и воени пунктови. Откритијата ја потврдуваат економската моќ, високата урбана култура и стратешката важност на античкиот град на Исар-Марвинци, а истражувањата ќе продолжат со полн интензитет и во текот на 2027 година.

Под бањата преживеал хипокаустот, а натпис од син мермер зборува за донатор

-->