Најмистериозната прва дама на светот: Со години никој не ја видел во јавноста, а сега нејзиното појавување привлече огромно внимание
Првата дама речиси секогаш го придружува претседателот на значајните државнички настани ширум светот. Но сопругата на севернокорејскиот лидер, Ри Сол-џу, одамна е исклучок од тоа правило. Таа се појавува толку ретко, што секое нејзино излегување пред камерите станува светска сензација. Во земја која важи за најизолираната на планетата, секој кадар од владејачкото семејство се чита како порака, знак или предупредување. Се што надворешниот свет знае за Северна Кореја најчесто доаѓа преку официјалната пропаганда на режимот или преку сведоштвата на малкумина пребегани. Затоа вниманието не е насочено само кон животот на обичните граѓани, туку и кон приватниот круг на највисоките државни функционери.
In This Article:
- На изложба за облека и обувки во Пјонгјанг се појави со Ким Џонг Ун и Ким Џу-ае
- Чанти од „Гучи“ и „Кристијан Диор“ во земја каде што луксузниот увоз е под санкции
- Пејачка од „Унхасу“, патување во Инчон во 2005 и брак договорен по мозочниот удар на Ким Џонг Ил
- Ким Џу-ае од 2022 оди на ракетни тестирања, а мајка и останува „почитувана прва дама“ со непозната моќ
На изложба за облека и обувки во Пјонгјанг се појави со Ким Џонг Ун и Ким Џу-ае
Додека Ким Џонг Ун редовно присуствува на воени паради и партиски собири, неговата сопруга со месеци, па дури и со години, останува невидлива за јавноста. Кон крајот на октомври, по исклучително долг период на отсуство, таа конечно беше видена повторно, покрај сопругот и нивната керка. Набргу потоа, брачната двојка беше забележана и во одморалиштето на планината Кумганг. Со тие појавувања беа демантирани долгогодишните шпекулации дека Ри Сол-џу е повторно бремена или дека има сериозни здравствени проблеми.
Чанти од „Гучи“ и „Кристијан Диор“ во земја каде што луксузниот увоз е под санкции
Ри Сол-џу одамна се оддалечи од сликата на скромна партиска сопруга во строга традиционална корејска облека, каква што се очекуваше од сопругите на претходните лидери. Од 2012 година наваму, таа воведе модерен и гламурозен стил: вталени елегантни костуми, високи потпетици, дизајнерски чанти и луксузен накит. На официјални појавувања неколкупати беше фотографирана со чанти од модните куќи „Гучи“ и „Кристијан Диор“. За држава во која увозот на луксузна стока е формално строго забранет според санкциите на Обединетите нации, а населението се повикува да користи исклучиво домашни производи, таквиот изглед делува исклучително провокативно. Токму затоа нејзината гардероба редовно отвора светски дебати за контрастот меѓу строгата реторика на режимот и привилегиите на владејачката елита.
Пејачка од „Унхасу“, патување во Инчон во 2005 и брак договорен по мозочниот удар на Ким Џонг Ил
За нејзиниот живот пред бракот постојат многу малку проверени информации. Според јужнокорејските разузнавачки извори, Ри Сол-џу е родена меѓу 1985 и 1989 година во градот Чонгџин, на североистокот од земјата. Нејзиниот татко бил универзитетски професор, а мајка и раководител на одделот за гинекологија во локална болница. Тоа значи дека потекнува од релативно почитувано семејство, но не и од најтесниот врв на партиската елита. Таа матурирала во престижното училиште „Геумсонг“ во Пјонгјанг, а потоа студирала вокална музика во Кина. Пред да стане сопруга на лидерот, Ри била успешна пејачка во познатиот државен оркестар „Унхасу“. Постојат сигурни податоци дека во 2005 година отпатувала во Инчон, Јужна Кореја, како дел од официјалната навивачка група за атлетското првенство на Азија. Откако се омажила за Ким Џонг Ун, властите во Пјонгјанг наводно се обиделе целосно да го избришат нејзиното уметничко минато, конфискувајки ги музичките снимки и плочи од јавноста. Според странски дипломатски извори, бракот бил договорен од таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил, откако тој преживеал мозочен удар во 2008 година. Свадбата се одржала во 2009 година, но Ри не била претставена пред јавноста се до јули 2012 година, кога државните медиуми конечно ја именуваа како законска сопруга на новиот водач.
Ким Џу-ае од 2022 оди на ракетни тестирања, а мајка и останува „почитувана прва дама“ со непозната моќ
Се верува дека брачната двојка има три деца. Нивната керка Ким Џу-ае од 2022 година редовно го придружува својот татко на клучни ракетни тестирања и воени паради, добивајки огромен медиумски простор. Многу експерти тоа го толкуваат како подготовка за династичко наследство. Точната позиција на Ри Сол-џу во сложениот политички апарат останува енигма. Во 2018 година Ким Џонг Ун за првпат официјално ја нарече „почитувана прва дама“ — потег без преседан во севернокорејската историја, бидејки сопругите на неговиот татко и дедо никогаш немаа таква титула. Од една страна, тоа укажува на нејзиниот посебен статус и на желбата на режимот пред меѓународните дипломати да се претстави како модерна европска држава. Од друга страна, нејзините чести и ненадејни исчезнувања од јавниот живот, кои знаат да траат со месеци, постојано ги подгреваат сомнежите за променливите внатрешни струења и борби за влијание зад кулисите на најзатворениот двор на светот.