Прв вистински траг на вонземски организми откриен на планета со океан и „мирис“ на живот, оддалечена 124 светлосни години од Земјата
Научниците открија најсилни знаци досега на можно постоење на живот надвор од Сончевиот систем. Со користење на податоци од вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST), тим предводен од Универзитетот во Кембриџ регистрирал хемиски отпечатоци од диметил сулфид (DMS) и диметил дисулфид (DMDS) – соединенија кои на Земјата најчесто ги создаваат микроскопски организми, како морски фитопланктон. Овие молекули се идентификувани во атмосферата на егзопланетата K2-18b, која се наоѓа околу 124 светлосни години од Земјата во соѕвездието Лав. Според експертите, ова е „најсилен доказ досега“ за биолошка активност на друга планета.
Се повеќе сме сигурни дека не сме сами
K2-18b орбитира околу црвено џуџе во таканаречената „област на живеалиште“, каде постојат услови за живот. Планетата е 2.6 пати поголема и 8.6 пати помасивна од Земјата, а се верува дека е покриена со океан, што ја прави „Хајсеански свет“ – тип на планета со океан и атмосфера погодна за живот. Покрај претходно откриените метан и јаглерод диоксид, новите податоци потврдуваат присуство на DMS и DMDS – соединенија кои, колку што се знае, ги создаваат само живи организми. На K2-18b, нивната концентрација е илјадници пати поголема отколку на Земјата.
Потребни се дополнителни истражувања
Иако резултатите се возбудливи, научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања и анализа за да се исклучи можноста за небиолошко потекло. За конечно потврдување на откритието, потребно е мерењето да достигне пет сигма ниво на сигнификантност – стандард во науката за потврда на откритија. Оваа студија, објавена во The Astrophysical Journal Letters, се смета за пресвртница во потрагата по вонземски живот, отворајќи нови хоризонти за разбирање на универзумот.