Преку 29 мостови и 15 тунели Скопје ќе се поврзе со Црното море
На 34-километарската траса од железничката пруга кон Бугарија, меѓу Бељаковце и Крива Паланка, се гради една од најсложените инфраструктурни делници во Македонија. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, при вчерашниот увид изјави дека оваа врска е дел од стратешкиот транспортен Коридор 8 и треба да го поврзе Скопје со Софија, а оттаму и со Црното Море. Проектот се реализира со засилена динамика и се смета за градежен зафат од големо геостратешко значење.
In This Article:
На увидот со ЈП МЖ Инфраструктура и Ѓулермак, делницата беше претставена како инженерско достигнување
Николоски, заедно со директорот на ЈП МЖ Инфраструктура и претставници од изведувачот Ѓулермак, изврши увид на градежните работи на трасата. Тој истакна дека пругата е дел од стратешкиот НАТО Коридор 8, кој ја поврзува Македонија со Бугарија и Црното Море. „Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба нови три станици, Кратово, Романовце и Гиновце, 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници, три подвозници. Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, ова ќе биде железница на која возовите ќе сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час, што во вакви услови е навистина одлично решение“, изјави Николоски.
Споредбата со осумкатна зграда ја открива висината на мостовските столбови
Министерот нагласи дека мостовите што се градат претставуваат инженерско чудо, со столбови високи до 61 метар, што е повеќе од двојно повисоко од просечна осумкатна станбена зграда. „Највисокиот столб кој што се гради е цели 61 метар. Само за споредба, просечна зграда, некаде од 7-8 ката, е во висина од 24-25 метри, што значи дека тука зборуваме за згради кои што би биле од 10-20 ката, кога овие столбови би ги преселиле во една урбана средина“, потенцираше министерот Николоски. Во рамки на проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони арматура и вкупно 125.000 кубни метри бетон. Според Николоски, напредокот кај конструктивните работи достигнал 31 процент, додека вкупната реализација на проектот е 36 проценти.
Октомври 2028 е рокот што Николоски го посочи за првите возови на оваа траса
Следната цел е завршување на втората делница, а потоа и изградба на третата, со поддршка од Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ, од каде што е обезбеден грант. „Очекувам до октомври 2028 година тука веќе да оперираат возови. Ова е дел од Коридорот 8 источно крило, по изградбата на втората делница секако ќе ја градиме и третата. За истата во соработка со Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ од каде што имаме грант, сакам да се заблагодарам. Веќе е објавен тендер за избор на Надзорен орган, а очекувам во следните неколку недели, во соработка со ЕБОР и ЕУ, да го објавиме и тендерот за изведба, како би можеле конечно Македонија со пруга да ја поврземе со Бугарија, односно Скопје да го поврземе со Софија, а оттаму и со Црното Море“, додаде вицепремиерот Николоски. Тој потсети дека Коридорот 8 е прогласен од НАТО за втор најзначаен безбедносен коридор и има големо геостратешко значење за регионот, на кој меѓународните партнери на земјава се особено посветени. На крајот, Николоски упати благодарност до премиерот Мицкоски, Министерството за финансии, директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Синиша Иваноски и неговиот тим, како и до сите работници ангажирани на терен, истакнувајќи дека токму нивната посветеност овозможува реализација на комплицирани инфраструктурни проекти во Македонија. Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека во наредниот период очекува силна динамика на градежните работи, а претпријатието останува посветено на реализација на капиталните проекти.