Македонската уметност на светскиот врв: „Magna Mater“ на Синиша Кашавелски изложено во Sotheby's во Њујорк
Делото „Magna Mater“ на македонскиот уметник Синиша Кашавелски е изложено во Sotheby’s New York како дел од 17th/18th International ARC Salon Exhibition, една од најзначајните светски сцени за современа репрезентативна и реалистичка уметност. На Медисон Авенија, пред очите на светската јавност, стои дело на македонски автор избрано меѓу илјадници пристигнати трудови од речиси деведесет држави. Ова се вестите кои треба да го преплават нашиот медиумски простор. Додека секојдневно сме зафатени со дневно-политички теми, македонскиот сликарски маг Синиша Кашавелски бележи вистински успех во културниот крем на Америка.
Финалната селекција брои 100 наградени дела од 20 земји
Изложбата ќе биде отворена до 27 јули, а претставува дела избрани меѓу повеќе од 8500 пријави од речиси 90 држави. Токму поради овој опсег, таа се вбројува меѓу најзначајните светски изложби посветени на современата реалистичка уметност. Неговото маестрално дело е дел од финалната селекција на меѓународниот салон кој се одржува во култната Sotheby’s во Њујорк. „Magna Mater“ е делото за кое допрва ќе се пишува низ светските галерии, а реномето на овој наш автор веќе одамна ги надрасна локалните рамки, носејќи му престижни признанија од Париз па сè до САД.
Утринскиот зрак во ателјето ја разбудил првичната искра за „Големата Мајка“
Еден од најистакнатите македонски академски сликари испиша нова страница во нашата културна историја на глобалната сцена. „Magna Mater“ (Големата Мајка) е работена во техника масло на платно и рамноправно стои меѓу одбраните трудови од целиот свет. Самата композиција на сликата носи длабок мистицизам, а на фотографијата фасцинантно се гледа моментот во ателјето кога природниот зрак светлина паѓа директно врз штафелајот. Токму таа утринска светлина ја разбудила првичната искра за создавање на оваа вонвременска фигура на мајчинството и духовната заштита. Кашавелски со децении го усовршува својот карактеристичен ликовен израз. По свеченото отворање на изложбата, авторот истакнува: „Особена чест ми е што на оваа изложба е претставена и Македонија“. Ова е потврда дека автентичниот творечки ракопис успева да ги надмине сите географски и културни бариери. Зошто кај нас секогаш естрадата и политиката ги заземаат главните наслови, додека ваквите колосални успеси на нашинците во светот поминуваат речиси незабележано? Дали ваквите историски успеси на нашите автори во светот го добиваат соодветното внимание и вистинското вреднување во нашата средина?