Нови радари во Словенија ќе ја мерат просечната брзина на автопат, а забавувањето пред камера нема да ве спаси од казни до 1.200 евра
Сите возачи што патуваат низ Словенија треба да бидат крајно внимателни на новите софистицирани системи за контрола на сообракаот. Тие автоматски ја пресметуваат просечната брзина на движење на возилата меѓу две контролни точки. За разлика од класичните фиксни радари, кои ја бележат брзината само во еден момент, овие секциски камери не можат да се измамат со нагло кочење непосредно пред објективот. Казната се генерира доколку просечната брзина на целата делница го надминува дозволениот лимит.
Логатец, Врхника, Подмиљ, Лочица, Љубљана Брод, Водице, Гросупље и Иванчна Горица се точките што возачите треба да ги запомнат
Според официjалните информации, новите системи се инсталирани на четири клучни делници од словенечките автопатишта. На автопатот А1 се поставени на релациите меѓу Логатец и Врхника, како и меѓу Подмиљ и Лочица. На автопатот А2 камерите се поставени меѓу Љубљана Брод и Водице, како и меѓу Гросупље и Иванчна Горица. Иако опремата е физички поставена, системите се уште не се пуштени во редовна функциjа за автоматско изрекување казни. При неодамнешниот технички преглед биле утврдени одредени технички недостатоци и потреба од дополнителна верификациjа на документациjата, па точниот датум за почеток на казнувањето дополнително ќе биде соопштен.
Над 60 км/ч над ограничувањето носи максимални 1.200 евра и негативни казнени поени
Казните за пречекорување на дозволената брзина на словенечките патишта се исклучително високи и се движат од 40 па се до 1.200 евра, во зависност од сериозноста на прекршокот. За екстремно возење од над 60 километри на час над ограничувањето, покраj максималната парична казна од 1.200 евра, следуваат и негативни казнени поени. Овие нови мерки се од исклучителна важност за македонските возачи, транспортери и иселеници кои редовно транзитираат низ Словенија на пат кон Австрија, Германија, Италија и останатите западноевропски земји. Апелот е ограничувањата на брзината строго да се почитуваат по должината на целата траса, а не само во зоните каде што се забележуваат камери.