Млада Македонка отвори „Ракија Бар“ во Чешка: Место каде мириса на дом, традиција и љубов
Среќата и успехот не се мерат според географска локација, туку со љубовта и посветеноста што ги вложуваме во она што го создадаваме. Вистинскиот успех се раѓа кога корените не се забораваат, туку внимателно се негуваат и претвораат во инспирација - во приказна што патува со нас каде и да нè однесе животот. Македонија не завршува на нејзините физички граници. Таа живее таму каде што воздухот е исполнет со мирис на домашна храна, каде македонскиот јазик не замолчува и каде срцата сè уште чукаат во ритамот на татковината, дури и илјадници километри далеку. Денес ви ја раскажуваме приказната за Антонија Ѓорѓиева и нејзиниот сопруг Кире - луѓе што ја донесоа можеби најтешката, но и најхрабра одлука во животот: да ја напуштат Македонија и да го продолжат својот пат во Чешка. Во градот Кладно денес тие создаваат нешто свое, чесно, автентично и искрено, место што навистина мириса на дом. Тоа место се вика „Ракија Бар“, ресторан и бар што го носи името на најпрепознатливото македонско традиционално пијалок, симбол на заедништво, топлина и традиција.
In This Article:
- Како се родила идејата за „Ракија Бар“?
- Внатрешноста на „Ракија Бар“: Македонски дом, мајчина кујна и топлината на свежо печен леб
- Семејна поддршка и љубов: Клучната сила зад секој чекор на патот
- Менито е класично за македонската и балканската кујна, со ракија како неизоставен симбол
- „Ракија Бар“ е жив доказ дека Македонија не престанува да живее никаде во светот
Како се родила идејата за „Ракија Бар“?
Антонија споделува дека идејата за вакво место се родила пред две години, кога нивната ќерка започна да тренира во чешки фудбалски клуб. Од најобично дружење со родителите и соиграчите, постепено започнаа заедничките оброци, разговори и откривање на балканските вкусови. Со силна поддршка од сопругот и блиските пријатели, Антонија ја собра храброста да ја оствари својата најголема мечта, да создаде сопствена кулинарска приказна, надополнета со љубов, спомени од детството и среќа.
Внатрешноста на „Ракија Бар“: Македонски дом, мајчина кујна и топлината на свежо печен леб
Иако „Ракија Бар“ се наоѓа на Коменскего 404 во Кладно, влегувајќи во просторот чувствувате како да сте ја оставиле Чешка зад себе. Атмосферата ве носи некаде меѓу топлината на македонскиот дом, кујната на мајка и утехата на свежо испечен домашен леб. Внатрешниот изглед е дело на Антонија, кој внимателно е уреден со трпение и љубов, водејќи се само од една желба, гостите барем накусо да заборават колку се далеку од местото по кое тивко копнеат, чувство познато на секого што живее во странство.
Семејна поддршка и љубов: Клучната сила зад секој чекор на патот
Антонија гордо вели дека Кире е нејзината најголема поддршка. Тоа е човекот што најмногу верува во неа и цврсто стои зад секој чекор на овој пат. Заедно докажуваат дека кога љубовта и довербата се основата, сè е возможно.
Менито е класично за македонската и балканската кујна, со ракија како неизоставен симбол
Менито во „Ракија Бар“ е слика на македонската и балканската кујна. Денот започнува со традиционално бурекче, по нивно кажување, без тоа појадок вистинскиот ден не може да почне. Продолжува со пици, балкански скара, домашен ајвар, кајмак, свежи македонски салати, пиво, а секако и ракија - пијалокот што го инспирира името на барот.
„Ракија Бар“ е жив доказ дека Македонија не престанува да живее никаде во светот
„Ракија Бар“ е многу повеќе од место за јадење и пиење. Тоа е жив доказ дека Македонија живее надвор од своите граници. Дека традицијата не се губи, туку се пренесува понатаму. И дека со љубов, храброст и посветеност, секоја сон може да си најде дом, па макар и во срцето на Чешка. Ние ќе продолжиме да раскажуваме и поддржуваме вакви приказни. Вашата улога е да ги посетувате, споделувате и поддржувате. А ако сте далеку од „Ракија Бар“, најмалку што можете е да ја споделите нивната приказна, можеби имате пријатели во или околу Кладно на кои ова ќе им биде идеална препорака за незаборавен ручек или вечера.