Маж од Велика Британија натрупал 600 конзерви храна во својата шупа „за да се подготви за најлошото“
Во градинарска шупа во Вејмут, Дорсет, 71-годишниот Ијан Фергусон чува залиха што личи на личен одговор на свет во кој полиците можат да се испразнат преку ноќ. Тој собрал околу 600 конзерви храна и вели дека не планира да застане. Неговата сметка е едноставна: шест конзерви дневно би му биле повеќе од доволни, а сегашната залиха може да му трае најмалку 100 дена.
In This Article:
Од војната во Украина до 13 полни кутии во шупата
Колекцијата на Фергусон почнала во 2022 година, по избувнувањето на војната во Украина. Оттогаш, при секое неделно пазарење купувал по неколку дополнителни конзерви. Во неговиот дом има чорби, супи, грав, кари, сутлијаш и конзервирано овошје. Почнал со идеја да стигне до 500 конзерви, но бројката веќе пораснала на 600. „Кога полиците во супермаркетите ќе се испразнат, парите нема да вредат ништо. Затоа секоја недела купував по четири, шест или осум конзерви и ги редев во големи кутии во мојата шупа. Сега имам 13 полни кутии. Првично мислев да застанам на 500, па стигнав до 600, но не планирам да престанам. Кога човек е гладен, не пребира – грашок, моркови, чорба или пудинг, се може да се измеша и да ве одржи во живот“, додава тој. Притоа, тој не се грижи за роковите на употреба втиснати на конзервите. Смета дека луѓето се претерано оптоварени со датумите што трговските синџири ги ставаат за да ги натераат потрошувачите постојано да купуваат нови производи.
„Човештвото го делат само девет оброци од целосна анархија“
Фергусон, татко на две деца и сопственик на такси-компанија во Вејмут, вели дека залихите не се само за него. Неговата цел е да ги заштити семејството и пријателите, бидејќи верува дека меѓусебната солидарност во заедницата е единствениот начин да се преживеат големите кризи. Покрај храната, поранешниот припадник на британската армија обезбедил и радиоприемници на навивање, плински решоа за кампување, вреќи за спиење, цевки за филтрирање вода, секира, пила и основен алат за преживување во природа. „Постои една позната изрека дека човештвото го делат само девет оброци од целосна анархија. Тоа се само три дена без храна. Замислете да не јадете три дена – а денес луѓето се толку нетрпеливи што хаосот веројатно би настапил веќе по три пропуштени оброци. Плаќаме осигурување за секакви работи во случај нешто лошо да се случи, па зошто да немаме осигурување и во форма на храна во сопствениот дом?“
Кога нема „магационер со тефтер и молив“, дигиталниот синџир застанува
Како поранешен војник од 1970-тите години, Ијан особено стравува од ранливоста на современите дигитални системи. Тој ги посочува зачестените хакерски напади врз водоводните компании и синџирите супермаркети. „Денес секој синџир на снабдување е целосно дигитализиран. Веќе нема магационер со тефтер и молив во раката. Кога компјутерскиот систем ќе падне, се замрзнува во истиот миг. Затоа сметам дека мораме да чуваме и готовина дома – кога батеријата на телефонот ќе ви се испразни, а банкоматите и терминалите не работат, дигиталните пари не ви значат ништо“, предупредува тој. За него, подготовката не е паника, туку домашно осигурување за моментот кога вообичаените системи повеќе нема да функционираат.
„Подобро да потрошам 2.000 фунти на храна што не ми притребала“
На коментарите дека можеби ништо лошо нема да се случи во текот на неговиот живот и дека можеби потрошил меѓу 1.000 и 2.000 фунти залудно, Фергусон одговара мирно. „Подобро да потрошам 2.000 фунти на храна што не ми притребала, отколку да се најдам во тешка криза, да гледам во парите на масата и да посакувам тие да беа храна. Се надевам на најдоброто, но се подготвувам за најлошото.“ Тој е убеден дека многу повеќе луѓе тајно прават залихи, но не сакаат јавно да признаат, од страв да не станат мета на крадци во случај на криза. Откако британската влада неодамна ја покрена кампањата „Биди подготвен“ (Be Ready), со која ги повикува домаќинствата да имаат основни резерви за неколку дена, Ијан смета дека државата треба да оди чекор понатаму и да ги субвенционира основните комплети за итни случаи и домашните агрегати за струја.