Македонски средношколци на натпревар по роботика во Јужна Кореја: Направија робот за справување со пожари
Македонскиот национален тим денеска во Инчеон, Јужна Кореја, го започнува својот настап на FIRST Global Challenge, најголемата олимпијада по роботика, која се одржува од 7 до 10 октомври 2026 година. На светска сцена, меѓу млади иноватори од целиот свет, нашите средношколци ќе ја претставуваат Македонија со знаење, тимска работа и инженерска мисла што носи гордост дома.
Дивите пожари се задачата што годинава ја решаваат роботите
Овогодишната олимпијада е посветена на актуелен глобален предизвик. Преку натпреварот, учесниците имаат задача на симболичен начин да го решаваат проблемот со дивите пожари користејќи роботика. Роботот што го конструираа македонските средношколци треба да извршува мисии на терен што симулираат гасење пожари, спасуваат ресурси и се справуваат со оваа природна катастрофа. FIRST Global Challenge секоја година обединува млади луѓе од над 190 држави. Олимпијадата промовира меѓународна соработка преку науката и технологијата, затоа што глобалните проблеми бараат заеднички решенија.
Од 2019 до бронза во 2022 и две признанија во Панама
Почетоците на националниот тим датираат од 2019 година и оттогаш тој континуирано се развива преку колективниот труд на генерации млади таленти. Во 2022 година тимот оствари значаен резултат, освојувајќи бронзен медал во конкуренција од над 190 држави. Континуитетот на добрата работа беше потврден и минатата година на олимпијадата во Панама, каде што македонските претставници беа наградени со две меѓународни признанија. Годинава тимот е составен од 2 ментори и 7 средношколци од различни средни училишта. Ментори се Јаков Спировски и Давид Маневски, а натпреварувачи се: Марко Јанкулоски од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, Димитриј Митковски од СУГС „Георги Димитров“, Бодан Николов од ПСУ QSI, Марија Стојчевска од СУГС „Орце Николов“, Филип Милковски од СУГС „Владо Тасевски“, Даниел Христовски од ПСУ „Јахја Кемал“ и Тимотеј Николовски од СЕТУГС „Михајло Пупин“. Тимот е подготвен да ја претстави нашата држава на најголемата светска сцена, докажувајќи дека македонските млади иноватори имаат знаење, визија и капацитет рамо до рамо со најдобрите во светот да креираат решенија за подобра иднина.