Македонија ќе биде главна тема во следната епизода на Симпсонови со премиера на 27 април
Топ вест за сите љубители на анимираните серии и националната гордост – Македонци ќе бидат дел од новата епизода на „The Simpsons“! Епизодата со наслов „Abe League of Their Moe“ ќе се емитува во недела, на 27 април 2025 година, во 20:00 часот по американско време (понеделник, 2:00 наутро по македонско време) на телевизијата FOX. Во оваа епизода, Дедо Симпсон и Мо Сизлак здружуваат сили во неочекуван спортски потфат: во Спрингфилд доведуваат талентиран бејзбол играч од Македонија, кој набрзо станува сензација. Но, додека се обидуваат да го изградат тимот и да го зачуваат духот на играта, нивното пријателство се става на испит.
Бејзбол сензација слетува во Спрингфилд!
Она што ја прави епизодата уште поспецијална за нас е што зад неа стои и македонски придонес! Невена, заедно со нејзиниот брат Наум и сестра ѝ Калина (која е дел од едукативниот детски канал Дарко Биберко), учествувале во преводот и подготовката на дел од сцените, а тројцата ја испеале и македонската верзија на една песна од епизодата. Невена дополнително имала и консултантска улога при изработката. Со оваа несекојдневна и забавна епизода, „The Simpsons“ уште еднаш покажуваат зошто се толку легендарни – спојуваат хумор, култури и големо срце во едно уникатно ТВ-искуство. А ние, во понеделник рано наутро, ќе навиваме за нашите „Springfield Isotopes“ – и за Македонците што сега се дел од телевизиската историја!