Македонецот кој ја освојува Малта со домашни вкусови: Успешната приказна за трите Мама'с Шугар ресторани наскоро и во Скопје
Постојат приказни кои почнуваат тивко - без фондови за иновации, без инвеститори, без поддршка. Само еден човек, едно семејство и убеденост дека чесната работа некогаш ќе се исплати. Приказната на Ален Осман е точно таква. Тој речиси десет години живее на Малта, почнувајќи од нула, за денес да биде сопственик на препознатлив бренд со три ресторани и соништата да ги претвора во реалност.
In This Article:
- Доаѓање без сигурност и почеток од нула во непозната земја
- Долгорочна дозвола за престој донесе стабилност и инспирација за нешто свое
- Трилече со карамел беше почеток на гастрономско патување и создавање на Mamma's Sugar
- Mamma's Sugar на три локации, принципот на инклузија и бизнис кој вработува и лица со посебни потреби
- Mamma's Brunch & Burgers наскоро отвора ресторан во Скопје и планира експанзија низ Европа
Доаѓање без сигурност и почеток од нула во непозната земја
Ален пристигнува на Малта во 2016 година без гаранции, без познати, само со познавање од угостителството и силна дисциплина. „Не дојдов со големи ветувања или гаранции. Дојдов со реални очекувања: да работам напорно, да учам и да се адаптирам." Малта тогаш беше во раст - туризмот цутеше, а угостителството бараше луѓе. Ален почна од дното: долги смени во хотелски кујни, прилагодување на нова култура, далеку од семејството. "Најголемиот предизвик беше да се адаптирам на новата култура, долгите работни часови и да бидам далеку од семејството. Но она што ме одржуваше беше дисциплината и верувањето, верувањето дека конзистентноста и професионализмот на крај ќе отворат врати." За него, готвењето никогаш не било само работа, туку љубов и посветеност.
Долгорочна дозвола за престој донесе стабилност и инспирација за нешто свое
Во 2021 година, по пет години живот и напорна работа на Малта, Ален добива долгорочна дозвола за престој. Ова не беше само административна промена, туку му донесе вистинска стабилност. „До тогаш, мојата иднина се чувствуваше условна - секогаш зависна од дозволи, обновувања, краткорочно планирање", вели тој. Долгорочниот статус носи јасност: „За прв пат можев да планирам години напред, а не само месеци." Тогаш се раѓа идејата за негов личен бизнис.
Трилече со карамел беше почеток на гастрономско патување и создавање на Mamma's Sugar
Во 2022 година, со заштеди, искуство и многу ризик, семејството на Ален го отвора првото Mamma's Sugar. Идејата се развивала постепено од желба да се создаде нешто лично и топло, инспирирано од домот и традицијата. „Mamma's Sugar е инспирирана од идејата за дом, традиција и конзистентност, заедно со семејството." Првиот специјалитет што го пробал првиот гостин бил трилече со карамел. Овој момент го означи почетокот на патувањето. Концептот не се базира на трендови: „Клиентите треба точно да знаат што добиваат - висок квалитет, свежа подготовка и ист вкус секојпат, без разлика од локацијата."
Mamma's Sugar на три локации, принципот на инклузија и бизнис кој вработува и лица со посебни потреби
Денес Mamma's Sugar работи на три локации низ Малта и го проширува концептот со Mamma's Brunch & Burgers кој има уникатно мени со бургери, бранч комбинации и меѓународни јадења. Десертите како карамел трилече и тортите се омилени меѓу туристите, додека домашната публика ја бира кујната за богатото мени. Но брендот е повеќе од ресторан: тимот е мултикултурен, а значителен дел од вработените се лица со посебни потреби. За Ален, инклузијата не е маркетинг, туку вистински начин на работа.
Mamma's Brunch & Burgers наскоро отвора ресторан во Скопје и планира експанзија низ Европа
Потврдено е дека Mamma's Brunch & Burgers најави отворање во Скопје, чекор што значи враќање на македонските вкусови дома, збогатени со знаење од светот. Се планира и пошироко проширување во Европа во 2026 година, како и ширење преку франшизи за сите кои го делат истиот пристап кон квалитет и автентична храна.