Љубовта на шимпанзата кон кристалите открива нова страна на древните луѓе
Кристалите, предмети што древните луѓе ги собирале уште пред најмалку 780.000 години, можеби не биле ниту алатки, ниту оружје, ниту практични украси. Ново истражување покажува дека нивната привлечност можеби лежи во нешто подлабоко: во начинот на кој нивната форма и проѕирност го будат вниманието. Научното списание „Популар сајенс“ (Popular Science) пишува дека љубовта кон кристалите кај шимпанзата, кои без проблем ги разликуваат од обични камења, открива сосема нова страна на древните луѓе.
In This Article:
780.000 години стара навика без јасна практична корист
Археолозите одамна наоѓаат кристали покрај останките од древните луѓе. Познато е дека хоминидите собирале вакви минерали многу рано во човековата историја, но тие не биле користени како секојдневни предмети за работа, за борба или како практичен накит. Новото истражување, објавено во списанието „Фронтиерс ин сајколоџи“ (Frontiers in Psychology), ја испитува можноста интересот да бил поврзан со нивната необична геометриска форма и проѕирност. За да ја проверат оваа хипотеза, научниците од Шпанија спровеле серија тестови со шимпанза, едни од најблиските живи роднини на човекот. Ако привлечноста кон кристалите постои и кај нив, тоа укажува на древни еволутивни корени на ваквото однесување.
„Шимпанзата се способни веднаш да ги разликуваат кристалите од обичните камења“
„Направените тестови покажаа дека шимпанзата се способни веднаш да ги разликуваат кристалите од обичните камења“, вели раководителот на истражувањето Хуан Мануел Гарсија-Руис од Меѓународниот центар за физика во Сан Себастијан. Според научникот, тој и неговите колеги биле изненадени од тоа колку силен и истраен се покажал интересот на животните кон овие предмети. Во првиот експеримент, истражувачите поставиле на платформа голем кварцен кристал и обичен камен со приближно иста големина. Првично шимпанзата покажале интерес и кон двата предмета, но набргу речиси целосно се насочиле кон кристалот. Животните внимателно го разгледувале, го вртеле и го навалувале за да го видат од различни агли, а едно од нив дури го однело во просторијата каде што обично одмораат. Кога негувателите се обиделе да го земат кристалот назад, морале да направат трампа и да го разменат за омилените закуски на животните – банани и јогурт.
Сенди ги редела кристалите на една страна, а обичните камчиња на друга
Во вториот експеримент, научниците измешале мали кварцни кристали со дваесет заоблени камчиња. Шимпанзата речиси мигновено ги пронаоѓале и ги одбирале кристалите. Дури и кога во мешавината биле додадени други минерали, како пирит и калцит, животните продолжиле со леснотија да ги издвојуваат од обичните речни камчиња. Особено интересни за шимпанзата биле проѕирните кристали. Тие ги приближувале до своите очи и ги разгледувале на светлина, понекогаш во текот на неколку минути. Во еден од случаите, женката по име Сенди ги пренесувала камењата на платформата и внимателно ги редела, одделувајќи ги кристалите на една страна, а обичните камчиња на друга. Ваквото однесување укажува дека животните ги доживуваат кристалите како посебни и вредни предмети. Научниците исто така забележале дека шимпанзата понекогаш ги пренесувале во својата уста, што е невообичаено за овој вид и веројатно значи дека се обидувале да го сокријат својот пронајдок од останатите. Истражувачите сметаат дека древните луѓе биле привлечени од истите својства на кристалите. Во природата повеќето објекти имаат заоблени, неправилни или разгранети форми – како дрвјата, планините, реките и облаците. Кристалите, наспроти тоа, се одликуваат со строга геометрија: тие се единствените природни тела со мноштво рамни страни и јасно изразени рабови и агли. Според научниците, токму оваа необична геометриска правилност и проѕирноста предизвикале посебна љубопитност кај нашите предци, па интересот кон кристалите може директно да е поврзан со раното формирање на естетското чувство и погледот кон светот кај човекот.