Ново откритие што треба да донесе илјадници туристи во Дојран: Животот во наколната населба започнал пред повеќе од 3.000 години
Праисториската наколна населба кај месноста Мрдаја, во Стар Дојран, повторно е во фокусот на археолозите. И годинава таму се водат интензивни истражувања, со цел подлабоко да се разбере како живеела заедницата што своите домови ги поврзала со водата на Дојранското Езеро. Кампањата ја реализира стручен археолошки тим од НУ „Завод и музеј – Струмица“, предводен од м-р Зоран Рујак, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
Првичните проценки се поместуваат кон средното бронзено време
Новите истражувања треба да дадат попрецизни сознанија за содржините, опфатот и точното време во кое функционирала оваа древна заедница. Досегашните пронајдоци и анализи покажуваат дека животот на ова место започнал многу порано од првичните проценки — уште во средното бронзено време, односно во првата половина на вториот милениум пред новата ера. Тоа го прави локалитетот кај Стар Дојран значаен сведок за континуитетот на животот покрај езерото и за начинот на кој праисториските заедници ја користеле водата како простор за живеење, заштита и поврзување.
Трагите водат до Цареви Кули, а планот до Музеј на вода во Дојран
Покрај хронологијата на населбата, археолозите открија и вредни траги кои недвосмислено укажуваат на развиени трговски и културни контакти со пооддалечени региони. Меѓу нив се издвојува поврзаноста со бронзенодобната населба на локалитетот Цареви Кули во Струмица. Паралелно со теренските откопувања, во тек е изработка на Основен проект за изградба на современ Музеј на вода во Дојранското Езеро. Планираниот музејски комплекс ќе ја претстави автентичната наколна населба и вредните артефакти. Според Заводот и музеј – Струмица, овој проект ќе придонесе Дојран да се претвори во значаен центар за развој на археолошкиот и културниот туризам.