Јас сум тренер за менталитет кој работи со врвни извршни директори: Сите милионери делат исти мачни тајни, богатството не носи мир и доверба, туку нови стравови и осаменост
На прв поглед, изгледа дека богатите и познатите живеат гламурозен живот исполнет со луксузни патувања, скапа храна и раскошни купувања. Но според тренер за ментален склоп кој работи со најуспешни директори и бизнис-магнати, да се биде милионер носи свој сет на проблеми. Рене Хаутстра од Едмонтон, Канада, поминала години работејќи со милионери и врвни претприемачи, помагајќи им да ги надминат ограничувачките уверувања и начини на размислување. За време на многуте години работа со успешни мажи и жени, таа открила дека сите милионери се борат со речиси идентични ментални блокади. „Повеќето луѓе мислат дека кога конечно ќе ‘успеат’, сите проблеми ќе исчезнат“, вели Хаутстра за Daily Mail. „Дека кога ќе им се наполни банкарската сметка, анксиозноста ќе се смири, односите ќе бидат лесни, а животот ќе делува комплетен. Но тоа ретко е така.“ Според оваа експертка, врвните магнати често тешко им веруваат на луѓето, постојано бркаат нови емотивни врвови и не можат да го прифатат сопствениот успех, меѓу многу други работи.
In This Article:
- Длабоки проблеми со доверба: Богатството тивко ги менува односите и создава анксиозност
- Постојан страв дека богатството ќе исчезне: Несигурноста создава тензија и немир
- Потребата да се докаже успехот носи вина и умор: Вистинското богатство не бара самоодрекување
- Зависност од достигнувања: Милонерите не умеат да слават, бркаат само нови цели и стануваат жртви на сопствениот успех
- Митот за мирот: Потсвесна вина, самосаботажа и празнина се реалноста зад богатството
Длабоки проблеми со доверба: Богатството тивко ги менува односите и создава анксиозност
Рене Хаутстра открива дека многу од нејзините богати клиенти имаат сериозни проблеми со доверба, бидејќи постојано се прашуваат дали некој навистина се грижи за нив или само ги користи. „Ги доведуваат во прашање мотивите на луѓето“, објаснува таа. „Со текот на времето, оваа неизвесност создава изолација и анксиозност. Почнуваат да не им веруваат не само на другите, туку и на самото богатство.“ Таа додава дека парите „тивко ги менуваат“ односите на многу нејзини клиенти, при што богатите се борат да се поврзат со пријатели или членови на семејството. „Старите пријатели можат да се оддалечат бидејќи повеќе не можат да се идентификуваат со тебе. Не можеш да зборуваш за новите предизвици – динамика на тимот, стрес околу инвестиции, јавна изложеност – без да делуваш ‘откачено’ за луѓето со кои порано си се дружел. Почнуваш да ги цензурираш сопствените зборови и да криеш делови од животот само за да останеш блиску до луѓето. Изолацијата е една од најголемите невидливи маки на врвниот успех.“
Постојан страв дека богатството ќе исчезне: Несигурноста создава тензија и немир
Според Хаутстра, многу успешни директори се борат со постојан страв дека богатството може да им биде одземено во секој момент. „Без разлика колку заработуваат, не можат да се ослободат од чувството дека тоа е само привремено. И тоа е начин на размислување кој ги држи во постојана тензија“, открива таа. „За да се изгради вистинско богатство, мора да се негува емоционална сигурност. Тоа значи прво да научиш да си веруваш на себе – на своите одлуки, расудување и на способноста да започнеш одново ако треба. Само тогаш можеш да го доживееш богатството како нешто стабилно, а не минливо.“
Потребата да се докаже успехот носи вина и умор: Вистинското богатство не бара самоодрекување
Својствено на многу успешни луѓе е и постојаната потреба да го оправдуваат сопствениот успех, што долгорочно е многу штетно. „Овој начин на размислување создава стапица која се одржува сама. Се преработуваш за да докажеш дека заслужуваш сѐ што имаш, и во моментот кога ќе забавиш темпо, вината доаѓа полека“, објаснува Хаутстра. „Почнуваш да се прашуваш дали правиш доволно. Вистинското богатство не е да докажуваш колку вредиш со исцрпеност, туку да имаш мир додека примаш – знаејќи дека твојата вредност не зависи од тоа колку страдаш за да ја заслужиш.“
Зависност од достигнувања: Милонерите не умеат да слават, бркаат само нови цели и стануваат жртви на сопствениот успех
Хаутстра вели дека повеќето нејзини клиенти се „постојано во потрага по следната пресвртница“, а тоа ги остава неспособни да уживаат во својот успех или да прослават лична победа. „Повеќето милионери не сфаќаат колку се зависни од потрагата, бидејќи нивниот живот и идентитет се изградени врз стремежот, а тешко го согледуваат сопствениот успех,“ вели таа. „Мозокот ти е дресиран да се чувствуваш безбеден само кога се движиш, не кога мируваш. Затоа дури и кога ќе постигнеш успех, не го чувствуваш. Јас го нарекувам тоа ‘мамурлак од успех’. Тоа е оној момент по голема победа, кога наместо гордост или среќа, чувствуваш анксиозност или празнина. Си велиш, ‘Што сега?’ и наместо одмор, трчаш повторно.“ Таа го опишува ова како „изморувачки круг“ кој може да доведе до прегорување и одбивност кон истата радост што те мотивирала на почетокот. „Начин да се надмине ова е да успееш доволно да забавиш за да го почувствуваш успехот. Обиди се да славиш што си изградил, без веднаш да се прашуваш што ти е следно.“
Митот за мирот: Потсвесна вина, самосаботажа и празнина се реалноста зад богатството
Една од најголемите заблуди околу богатството е дека тоа носи мир – а милионерите што веруваат во овој мит се изложени на ризик, предупредува Хаутстра. Таа додава дека милионерите постојано се движат низ чувство на вина и се прашуваат: „Дали правам доволно? Давам доволно? Дали делам доволно?“ „Можеби си пораснал слушајќи дека ‘богатите се алчни’ или ‘парите ги менуваат луѓето’“, вели таа. „Па дури и кога до успех доаѓаш етички и великодушно, постои потсвесна вина што вели: ‘Можеби станувам еден од нив’. Тој внатрешен конфликт може да доведе до самосаботажа – наплаќаш помалку, даваш премногу, или ги криеш достигнувањата за да не бидеш ‘премногу’.“ Хаутстра нагласува дека богатството „не те прави добар или лош“, туку само „го наголемува она што си веќе како личност“. „Сум видела клиенти што ги достигнуваат финансиските цели и пак се чувствуваат празно – не затоа што се неблагодарни, туку затоа што очекувале надворешниот успех да ги излечи внатрешните рани. Можеби имаш повеќе удобност, контрола, па дури и восхит од другите, но внатрешниот свет е твој да го негодуваш и обновуваш.“