Хрват ги прокоцкал хуманитарните донации за лекување на сопругата - осуден на 3,5 години затвор
Случајот што ја вознемири јавноста во регионот доби судска разрешница во Загреб. Општинскиот кривичен суд го осуди 42-годишниот Дино Љутиќ на три и пол години затвор за измама и перење пари, откако утврди дека речиси во целост ги прокоцкал средствата од хуманитарната акција што самиот ја покренал за лекување на својата тешко болна сопруга.
In This Article:
- 579.720,19 евра треба да бидат вратени во државниот буџет
- „Храбра жена сака да живее“
- Повеќе од 4,3 милиони куни завршиле на онлајн сметки во обложувалници
- Добивките ги враќал на приватна банкарска сметка
- Ана-Марија почина во 2023 година и остави две мали деца
- „Постојано верував дека ќе добијам и дека ќе ги вратам парите“
- Вештакот не утврдил патолошка зависност од коцкање
579.720,19 евра треба да бидат вратени во државниот буџет
Покрај затворската казна, судот му наложи на обвинетиот да ја уплати точната сума што, според пресудата, ја потрошил на игри на среќа. Во вкупната казна ќе му бидат пресметани и седумте месеци што ги минал во истражен затвор. Поради лошата материјална состојба, Љутиќ е ослободен од плаќање на судските трошоци.
„Храбра жена сака да живее“
Приказната за оваа голема трагедија и злоупотреба започнала во 2019 година. За време на нејзината втора бременост, на неговата сопруга Ана-Марија и бил дијагностициран агресивен рак на дојка со метастази. Со желба да и обезбеди лекување во странство и скапи медицински третмани, Љутиќ ја покренал хуманитарната акција под тој наслов.
Повеќе од 4,3 милиони куни завршиле на онлајн сметки во обложувалници
Граѓаните и хуманитарните организации од Хрватска и целиот регион реагирале масовно. На сметките отворени за помош биле уплатени повеќе од 4,3 милиони куни, односно околу 580.000 евра. Но, наместо за лекарства и медицински установи, истражителите откриле дека во периодот од ноември 2019 до јуни 2020 година, Љутиќ парите масовно ги префрлал кај познати приредувачи на игри на среќа.
Добивките ги враќал на приватна банкарска сметка
За да го прикрие потеклото на парите и нивната пренамена, дел од добивките ги префрлал назад на својата приватна банкарска сметка. Обвинителството и судот тоа го квалификуваа како класично перење пари.
Ана-Марија почина во 2023 година и остави две мали деца
Сопругата за која целата јавност собираше помош ја изгуби битката со болеста. За време на судскиот процес, Љутиќ изразил длабоко каење, се расплакал пред судскиот совет и упатил извинување до целата јавност.
„Постојано верував дека ќе добијам и дека ќе ги вратам парите“
Во својата одбрана тој изјавил дека целиот свет му се срушил за еден ден кога ја слушнал тешката дијагноза за сопругата. „Западнав во тешка депресија, анксиозност и несоница. Додека седев покрај нејзиниот болнички кревет, од безизлез почнав да играм онлајн игри на среќа преку телефонот. Немав намера да ги украдам парите, постојано верував дека ќе добијам и дека ќе ги вратам парите за лекувањето, но влегов во маѓепсан круг од кој не знаев да излезам“, изјавил тој.
Вештакот не утврдил патолошка зависност од коцкање
Психијатрискиот вештак за време на постапката оценил дека Љутиќ во тој период не пател од патолошка зависност од коцкање. Според оценката, тој имал изразена склоност кон тоа како нездрава одбранбена реакција на претрпениот стрес. Пресудата на судот во Загреб засега не е правосилна.