Млеко без крави: Новото „Франкенштајн млеко“ произведено во лаборатории се подготвува да се појави во маркетите во САД
Лабораториски создадено млеко, наречено „UnReal Milk“, произведено од клетки од цицачи а не од крави, ќе се појави на полиците на маркетите во Америка за само неколку месеци, предизвикувајќи бура од незадоволство и скептицизам уште пред комерцијалното лансирање, по што го доби името „Франкенштајн млеко“
In This Article:
- UnReal Milk – Млеко од биореактори со исти хранливи материи како кравјото млеко
- Компанијата доби дозвола преку GRAS и прескокна долга контрола на ФДА
- Јавноста е згрозена: Општествениот отпор кулминира со повици за забрана
- Научен и еколошки напредок – помалку гасови, помалку вода, помалку земја
- Но експертите предупредуваат – нема долгорочни студии за влијанието врз здравјето
- Од растителни алтернативи, преку гени во бактерии, до вистински млечни клетки во лабораторија
UnReal Milk – Млеко од биореактори со исти хранливи материи како кравјото млеко
UnReal Milk не се добива од вистински животни, туку од големи лабораториски садови – биореактори, кои користат специјални клетки од животни што ги произведуваат истите протеини, масти и јаглени хидрати како и обичното кравјо млеко. Компанијата Brown Foods планира да го продава UnReal Milk во САД од 2026 година, а јавните дегустации веќе започнаа.
Компанијата доби дозвола преку GRAS и прескокна долга контрола на ФДА
Brown Foods соопшти дека има зелено светло за комерцијализација бидејќи користи состојки кои се „генерално препознаени како безбедни“ (GRAS) и самата си ја потврдила безбедноста. Токму оваа процедура им овозможува брз настап на пазарот за разлика од годините долгата процедура за целосно одобрување од ФДА. Ко-основачот на Brown Foods, Сохаил Гупта за Forbes изјави: „Иако започнуваме со кравјо млеко, со нашата технологија можеме да произведеме млеко од било кој цицач, вклучувајќи и човечко млеко“.
Јавноста е згрозена: Општествениот отпор кулминира со повици за забрана
Објавата за кравјо млеко кое наводно не доаѓа од крави наиде на скептицизам и бес на социјалните мрежи. Некои веќе повикуваат властите да го забранат производот уште пред да се најде во продажба. „Забранете го ова сега“, се вели во еден твит. Друг корисник изјави: „Не сакам ништо да имам со оваа лабораториска глупост. Не им верувам на овие биотехнолошки лудаци!“
Научен и еколошки напредок – помалку гасови, помалку вода, помалку земја
Инженерите на компанијата Brown Foods и научници од МИТ велат дека UnReal Milk е подобро за планетата од кравјото млеко – со емисија на помалку стакленички гасови, помала потрошувачка на вода и значително помалку земја во споредба со традиционалното млечно фармерство. Поддржувачите на лабораториското млеко тврдат дека ова е по сигурен производ, недопрен од суши, болести кај кравите или ценовни флуктуации поради проблеми со снабдувањето.
Но експертите предупредуваат – нема долгорочни студии за влијанието врз здравјето
Сепак, критичарите, посебно произведувачите на млеко и нутриционисти, тврдат дека сè уште нема долгорочни истражувања кои потврдуваат дека лабораториското цело млеко е исто толку здраво како и кравјото, особено за растечки деца. Семеен лекар со лиценца, д-р Кет Линдли, реагираше откако беше објавено пуштањето на UnReal Milk: „НЕ!“ – напиша на X. Еден коментатор додаде: „Сериозно, под изговор на климатските промени се подготвени да ја преработат целата ни храна. Гнасно.“ Други критичари го нарекоа UnReal Milk најнов лабораториски производ „туркан“ на потрошувачите со финансиска позадина од милијардерот и активист за климатски промени Бил Гејтс. До сега, нема потврда дека Гејтс е директно поврзан со UnReal Milk, иако тој често вложува во алтернативна храна преку неговата компанија Breakthrough Energy Ventures.
Од растителни алтернативи, преку гени во бактерии, до вистински млечни клетки во лабораторија
Досега најчести алтернативи за млеко беа напивки базирани на растителни протеини – од бадем, овес, соја, кокос, грашок или ориз. Во последно време се појавуваат и лабораториски млека добиени со таканаречена „прецизна ферментација“, каде што гените за млечен протеин се внесуваат во квасец или бактерии и се одгледуваат како пиво. Но UnReal Milk не користи прецизна ферментација, туку одгледува вистински млечни клетки земени од крава, при што овие клетки го создаваат природниот состав на целото млеко. Токму оваа метода ги заобиколи дебатите околу дефиницијата на млекото пред ФДА: бидејќи нема додадени масла или шеќери, и бидејќи потекнува од вистински млечни клетки наместо од синтетички смеси, UnReal Milk лесно би можел да добие дозвола да биде означено и продавано како вистинско млеко во 2026 година.