No Image x 0.00 + POST No Image

Денес се празнува Света Теодосија Цариградска – монахињата што го даде животот бранејќи ја Христовата икона

SHARE
25

Денес Светата Православна Црква го прославува споменот на светата преподобномаченичка Теодосија Цариградска, една од најхрабрите исповеднички на верата во времето на иконоборството. Нејзиниот живот започнал како чудесен Божји дар, а завршил со маченичка смрт во одбрана на светите икони.

Денес се празнува Света Теодосија Цариградска – монахињата што го даде животот бранејќи ја Христовата икона

Мајка ѝ задремала на бдение кај света Анастасија и слушнала ветување за дете

Светата невеста Христова Теодосија се родила во Цариград од богати, чесни, побожни и добродетелни родители. Најнапред, нејзините родители долго време немале деца. Потиштени поради тоа, многу се молеле и многу постеле, прибегнувајќи во Божјите храмови дење и ноќе, и обилно им раздавале милостина на сиромасите. Еднаш, кога биле во црквата на светата маченичка Анастасија на сеноќно бдение, мајката на света Теодосија со солзи сесрдно се молела Господ да ѝ подари пород. Тогаш малку задремала, ѝ се јавила светата маченичка Анастасија и ѝ рекла: „Не тагувај, жено, зашто ќе зачнеш и ќе родиш.“ Кога се разбудила, радосна му го раскажала видението на својот маж. Тој ѝ рекол: „Жив е Господ! Ако ни подари пород, било син или ќерка, ние ќе го принесеме како дар Нему, на Господ и Бог наш Исус Христос.“ По некое време жената навистина зачнала и родила женско дете. Ѝ го дале името Теодосија, што значи од Бога дадена, зашто таа им била дарувана од Бога. Родителите го просветиле своето чедо со свето крштение. На четириесеттиот ден по раѓањето, мајката ја зела ќеркичката во раце и ја однела во црквата на света Анастасија, каде со радосни солзи Му благодарела на Господ и на светата Маченичка. Таму ветила дека, кога ќе ја одгледа, ќе ја посвети својата ќерка на Христос како монахиња, бидејќи при црквата имало манастир на девици посветени на Бога. Потоа ја воспитувала со најголема грижа, учејќи ја да чита божествени книги, да живее во страв Божји и да го распламтува огнот на божествената љубов во срцето.

Мајка ѝ задремала на бдение кај света Анастасија и слушнала ветување за дете

По смртта на родителите, три икони од околу 1,35 метри добиле злато и сребро

Кога Теодосија наполнила седум години, ѝ починал таткото. Мајка ѝ тогаш ја одвела во манастирот на света Анастасија и ја предала за постриг во светиот монашки чин. По три години и мајка ѝ отишла кај Господ, оставајќи ѝ го целиот имот на својата ќерка, монахињата Теодосија. Кога инокињата Теодосија станала полнолетна, исполнета со разум и љубов кон Бога, не сакала да го задржи за себе наследството од родителите. Го дала на Бога, кому веќе и самата себе Му се принела како жива жртва. Повикала златар и му дала потребно злато и сребро да окове три икони: на Христос Спасителот, на Пресвета Богородица и на светата маченичка Анастасија. Така украсени, ги поставила во црквата, а сиот останат имот им го раздала на бедните и сиромашните, на сираците и вдовиците. Самата живеела во доброволна монашка сиромаштија и Му служела на Господ дење и ноќе, збогатувајќи се со духовното богатство на Божјата благодат. Облечена во оклопот на молитвата против невидливиот противник, со испоснички подвизи и трудови го умртвувала телото што војува против духот. Со смирение, кротост, богоугодна љубов, чистота, богобојазливост, послушание и други монашки добродетели, храбро го победувала бестелесниот непријател.

По смртта на родителите, три икони од околу 1,35 метри добиле злато и сребро

На полноќ ѝ се јавил ѓаволот со закана против сите христијани

Еднаш, додека светата монахиња стоела на молитва во полноќ, пред неа застанал ѓаволот и ѝ рекол: „Ти војуваш против мене, и јас ќе завојувам против тебе, и не само против тебе туку и против сите христијани, зашто најдов човек преку кого можам да поведам борба против Црквата, и многумина ќе ги одвратам од поклонување на иконата Христова, и многумина ќе тргнат по мене, творејќи ја мојата волја.“ Света Теодосија се осенила со крсниот знак и рекла: „Биди проклет ти, ѓаволе, противнику на христијаните! И со силата на Христос, нашиот Бог, нека се уништат сите твои лукавства!“ Тогаш ѓаволот исчезнал. Преподобната Теодосија, крстејќи се, почнала да го пее Давидовиот псалм: „Нека воскресне Бог, и нека се распрснат непријателите Негови! И нека бегаат од лицето Негово оние што Го мразат“ (Пс. 67, 2).

На полноќ ѝ се јавил ѓаволот со закана против сите христијани

Игуманијата го поврзала видението со зборовите на апостол Павле

Тоа страшно видение и фалбените зборови на ѓаволот блажената Теодосија ѝ ги раскажала на својата игуманија и ја прашала: „Од каде ќе дојде таа напаст врз христијаните, која ѓаволот ветува дека ќе ја наведе?“ Игуманијата ѝ одговорила: „Чедо мое, светиот апостол тврди: Сите што сакаат побожно да живеат во Христос Исус, ќе бидат гонети. А злите луѓе и измамниците ќе напредуваат кон полошо, мамејќи и мамејќи се себеси (2 Тим. 3, 12-13). Зашто стадото Христово од почетокот било вознемирувано од зли луѓе, кои неправилно, еретички размислуваат, мамејќи ги другите и самите себе; тие зли луѓе се орудие на ѓаволот; а побожните луѓе отсекогаш биле гонети. Така и во сегашното време врз Божјата Црква ќе дојдат смут и гонење. Но ти стој, ти говорам заедно со светиот апостол Павле, во она што си го научила, бидејќи од малечка ги знаеш Светите Писма, кои можат да те умудрат за спасение преку верата во Христос Исус (2 Тим. 3, 14-15).“

Игуманијата го поврзала видението со зборовите на апостол Павле

Храбро застанала во одбрана на Христовата икона

ВКога започнало иконоборството и властите наредиле уништување на светите икони, Теодосија не останала рамнодушна. Кога војници се обиделе да ја симнат и уништат Христовата икона поставена над Бакарната порта во Цариград, таа заедно со други побожни жени застанала во нејзина одбрана. Нивната храброст ги разгневила властите и наскоро биле уапсени.

Храбро застанала во одбрана на Христовата икона

Маченичка смрт за верата

Теодосија била затворена и сурово мачена. По денови тепање и понижување, ја воделе низ градот за дополнително измачување. На Марвениот плоштад, еден војник со козји рог ја прободел во грлото. Така светата преподобномаченичка Теодосија ја предала својата душа на Господ и го примила венецот на мачеништвото. Христијаните го погребале нејзиното тело со голема почит, а според преданието, од нејзините мошти се случувале исцеленија. Света Теодосија останала запаметена како пример за непоколеблива вера и храброст. Нејзиниот подвиг потсетува дека љубовта кон Христос и верноста кон духовните вредности понекогаш бараат голема жртва, но и носат вечна слава пред Бога.

Маченичка смрт за верата

-->