Џоел и Мишел се американски пар кои живееле 1 месец во Македонија и велат „Дефинитивно се враќаме“, а еве зошто
Џоел и Мишел се американски пар кои од 2019 година живеат на постојано патување - без постојан дом, без класична работа, со лаптопи и камери. Се нарекуваат „slow travelers" - не туристи, туку луѓе кои остануваат 1 до 3 месеци на едно место, го запознаваат секојдневниот живот и паралелно работат онлајн. Водат подкаст и YouTube канал наречен „The Wandering Hartz". Неодамна поминале месец во Македонија - во Охрид и Скопје - на пат помеѓу Албанија и Бугарија. Пред да дојдат слушале „мешани мислења". На крај - ги надминало очекувањата. Еве нивниот чесен биланс.
In This Article:
- Ниските цени, свежата храна и македонското вино биле вистинско изненадување
- Безбедноста и љубезноста на луѓето прават разлика – Домаќинот ги чекал лично на автобуска станица
- Стратешка локација за патување низ Балканот и одличен јавен транспорт
- Кирилицата, возењето и интернетот се предизвици, но не и пречка за вистинско уживање
- Желбата за враќање останува, а Македонија ја доживуваат како средна станица што го украла шоуто
Ниските цени, свежата храна и македонското вино биле вистинско изненадување
Првото нешто што го забележале Џоел и Мишел се цените. Вечера надвор просечно ги чинела 20 долари за двајца, со влезно јадење, пијалок, данок и бакшиш. За Американци навикнати на американски цени, тоа било вистински пријатен шок. Месечниот престој во Македонија бил малку поскап од Албанија и Бугарија, но сепак сосема прифатлив. Намирниците во супермаркетите биле свежи, со широка понуда и квалитет како на Запад. Шопска салата секој ден, одлична разновидност на пазарите и огромно изненадување – македонското вино. „Бевме вистински изненадени. Џоел и јас сме љубители на вино и го пробуваме насекаде. Македонија беше одлична за вино – вистинско изненадување.“
Безбедноста и љубезноста на луѓето прават разлика – Домаќинот ги чекал лично на автобуска станица
Втората работа што тие ја нагласуваат е безбедноста. Македонија е на 18. место од 44 европски земји според ниска стапка на криминал, но уште поважно е чувството на сигурност. Во Скопје, по ноќна прослава со пријатели, се враќале пешки до станот во 2 по полноќ, пешачејќи 30 минути. Имало доста луѓе и никакво чувство на непријатност. Во Охрид, нивниот Airbnb домаќин лично ги пречекал на автобуска и ги вратил назад кога заминувале. „Тоа никогаш не ни се случило порано,“ вели Мишел.
Стратешка локација за патување низ Балканот и одличен јавен транспорт
Географската позиција на Македонија нуди голема предност. Македонија е централно поставена на Балканот и не е дел од Шенген зоната. За патници кои имаат ограничување од 90 дена во Шенген, овде добиваат слободна пауза. Постојат директни автобуски линии до Србија, Бугарија, Албанија, Грција, Косово и Босна, и се достапни за онлајн резервација. „Транспортот беше многу подобар отколку во некои земји каде што сме биле. Автобуските станици беа лесни за наоѓање, рути имаше многу.“
Кирилицата, возењето и интернетот се предизвици, но не и пречка за вистинско уживање
Кирилицата им била збунувачка на почетокот – менија, натписи, знаци. Решението било Google Translate со камера: „Само го насочуваш кон знакот и ти ја дава преводот. Работи совршено." Возењето? Често се сретнува со агресивно претекнување, особено на слепи кривини. „Не е толку драматично како во Албанија, но сепак треба да бидеш подготвен." Интернетот надвор од Скопје бил слаб – три различни еSIM, скоро ист резултат: 3G, нестабилно, 5 до 20 мегабити во секунда. За мејлови и Google Maps – доволно, за прикачување видеа – голем проблем. Во Скопје пак, брзините биле далеку подобри. „Ако не ти е важен интернетот или не прикачуваш тешки фајлови, нема да ти пречи. Но ако работиш онлајн, провери однапред со домаќинот." Cowotking просторите се добро опремени и со настани, но за нив, скапи – од 150 до 200 долари месечно.
Желбата за враќање останува, а Македонија ја доживуваат како средна станица што го украла шоуто
На крајот, Џоел и Мишел прават биланс: „Генерално зборувано – навистина уживавме во времето таму. Охрид и Скопје беа различни, но и двете вредеа. Ако сте надвор од Шенген и барате место каде ќе поминете месец-два – Македонија е одличен избор. Дефинитивно ги надмина нашите очекувања.“ Без двоумење заклучуваат: „Знаеме сигурно дека ќе се вратиме. Барем уште еден месец, можеби два.“ Охрид и Скопје ги поминале во јуни, патувајќи меѓу Албанија и Бугарија – за нив, Македонија е средна станица што го украла шоуто.