Дунав во Србија се повлече и ги откри нацистичките бродови потонати пред повеќе од 80 години
Рекордно ниското ниво на Дунав во Србија повторно ги откри остатоците од германската воена флота потоната во реката кон крајот на Втората светска војна. Во близина на Прахово, на границата меѓу Србија и Романија, од водата се појавија десетици 'рѓосани бродски трупови кои со децении биле скриени под површината.
Потонати за да го забават напредувањето на советската армија
Бродовите биле дел од германската флота која се повлекувала во 1944 година, додека советските сили напредувале низ Балканот. Германците намерно ги потопиле своите бродови во близина на Прахово, со цел да го забават напредувањето на советската армија. Според историчарите, во тој дел од Дунав биле потопени до околу 200 германски воени бродови. Денес, повеќе од осум децении подоцна, остатоците повторно претставуваат проблем – овојпат за бродскиот сообраќај. Кога нивото на реката е ниско, потонатите бродови го стеснуваат пловниот коридор и ги принудуваат капетаните внимателно да маневрираат околу нив. Во некои делови, пловниот простор може да се намали од околу 180 на само 100 метри.
Во бродовите сè уште може да има муниција
Дополнителен проблем е што дел од потонатите бродови сè уште може да содржат стара муниција и експлозивни средства. Токму поради тоа, нивното отстранување е сложен и ризичен процес и со години се одложува. Дел од бродовите веќе биле отстранети во времето на поранешна Југославија, но голем број останале на дното. Србија со поддршка од Европската Унија има проект за отстранување на потонатата германска флота и расчистување на речниот коридор. Според документ на српскиот „Пловпут“ од 2026 година, активностите за истражување и отстранување на експлозивните средства се планирани како проект што треба да продолжи до 2028 година. Во меѓувреме, екстремната суша и високите температури повторно го открија овој морничав остаток од Втората светска војна. Ниското ниво на Дунав не создава проблеми само за навигацијата – влијае и врз производството на електрична енергија, транспортот и водоснабдувањето во делови од Централна и Источна Европа.