No Image x 0.00 + POST No Image

Директорот на Wonder Camp, Марко Ристески, со искрена порака до родителите: „Да бидеме искрени – имаме сериозен проблем“

SHARE
16

Од 2011 година, Wonder Camp гради заедница на доверба, вредности и незаборавни искуства за децата и младите. Секоја година, тимот вложува месеци подготовка за да креира безбедна, едукативна и забавна средина. Но, оваа година, директорот, Марко Ристески, сподели една порака која заслужува внимание од секој родител. Во продолжение ја пренесуваме неговата искрена и директна порака – со надеж дека ќе поттикне дијалог, свесност и заедничка акција.

Директорот на Wonder Camp, Марко Ристески, со искрена порака до родителите: „Да бидеме искрени – имаме сериозен проблем“

Порака од Марко Ристески, директор на Wonder Camp

„Драги родители, Секоја година со огромна посветеност го градиме Вондер Камп. Програмата, локациите, сите работилници – ништо не е случајно. Сѐ е внимателно одбрано и креирано од професионален тим во текот на изминатите 5–6 месеци. Работиме педантно и со љубов за да создадеме инспиративно, безбедно и едукативно место за вашите деца – прилагодено за нивната возраст и потреби. Но, мора да бидеме искрени. Секојдневно се соочуваме со сè посериозни предизвици. Деца, сѐ почесто, кријат и носат алкохол, снуз, па дури и други несоодветни супстанци. И тоа не е изолиран случај – тоа станува тренд кој тивко и опасно се шири. Ние не смееме, а и нема да го премолчиме ова. Во тие 6–7 дена камп, не можеме да ги превоспитаме децата. Ниту е тоа можно, ниту фер да се очекува. Кампот не е магично стапче. Тој треба да биде надградба за сите деца. И да бидеме уште поотворени: 🛑 Имаме страшно сериозен проблем. Многумина од нас, како родители, потфрламе. Живееме во време кога често се заменуваат љубовта и вниманието со пари, мобилни телефони, слобода без граници. Им се даваат на децата „џепарац“ без контрола, скапи подароци без вредности, слобода без разговор. И потоа слушаме реченици како: 👉 “Моето дете? Нема шанси. Тој не пуши, не пие, се гади од алкохол.” За жал, токму тоа дете, тоа „сигурно“, е најчесто спротивното. Лесно поводливо, под притисок на околината, прави сѐ од горенаведеното. Затоа е време за будење. Колку поскоро се свесиме, толку повеќе ќе можеме да влијаеме. Бидете нивни другари. Разговарајте отворено, советувајте, поставувајте граници со љубов. Бидете активно вклучени во нивниот живот. ⚠️ Гревота е и срамота децата своите проблеми да ги решаваат на Гугл. Како тим, сериозно размислуваме да започнеме со организирање работилници и средби со родители, бидејќи проблемите се пред децата, но решенијата мора да започнат од возрасните. Вондер Камп ќе остане она што секогаш бил – место на вредности, безбедност и раст. Но тоа можеме да го направиме само заедно – со искрена соработка и будна родителска свест“.

Порака од Марко Ристески, директор на Wonder Camp