Дали наскоро ќе можеме да си израснеме рака или нога? Неверојатно откритие за аксолотлите нѐ приближува до тоа!
Аксолотлите (Ambystoma mexicanum) имаат неверојатна способност да регенерираат екстремитети, па дури и цели органи. И, секако, луѓето се прашуваат – како и нашите човечки тела би можеле да го постигнат истото? Тим биолози од Универзитетот Нортистерн и Универзитетот на Кентаки открија една од клучните молекули што учествуваат во процесот на регенерација кај аксолотлите. Станува збор за молекула која има пресудна улога во обезбедување на тоа телото да ги израсне вистинските делови на вистинското место – на пример, да израсне рака од зглобот. „Клетките можат да го интерпретираат овој сигнал и да кажат: ‘Јас сум кај лактот, и сега ќе израснам рака’ или ‘Јас сум кај рамото, и ќе им овозможам на клетките да израснат цел екстремитет’“, објаснува биологот Џејмс Монаган. Таа молекула – ретиноична киселина – се распоредува низ телото на аксолотлот во форма на градиент, испраќајќи сигнал до регенеративните клетки за тоа колку далеку по должината на екстремитетот е направен пресекот. Поблиску до рамото, аксолотлите имаат повисоко ниво на ретиноична киселина и пониско ниво на ензимот што ја разградува. Овој однос се менува како што се движиме кон подалечните делови од телото. Тимот открил дека рамнотежата помеѓу ретиноичната киселина и ензимот што ја разградува игра клучна улога во „програмирањето“ на групата регенеративни клетки што се формираат на местото на повредата. Кога додале вишок ретиноична киселина на раката на аксолотл што бил во процес на регенерација, таа не само што израснала, туку израснал цел екстремитет. Во теорија, и човечкото тело ги има вистинските молекули и клетки за да го направи ова, но нашите клетки на сигналите реагираат сосема поинаку – наместо да регенерираат, тие создаваат колагенски лузни на местото на повредата. Следниот чекор, според Монаган, е да се утврди што точно се случува во клетките – и кај аксолотлите и кај луѓето – кога тие ги примаат сигналите од ретиноичната киселина. „Ако можеме да најдеме начин да ги натераме нашите фибробласти да ги слушаат овие регенеративни сигнали, тие ќе го сторат остатокот. Тие веќе знаат како да создадат екстремитет, затоа што, како и кај саламандрите, го направиле тоа за време на развојот“, вели Монаган. „Тоа може да помогне не само во заздравување без лузни, туку и во нешто уште поамбициозно – како повторно израснување на цел прст“, додава тој. „Не е невозможно да се замисли дека еден ден ќе може да израсне и цела рака.“