Дали климата треба постојано да се вклучува и исклучува? Експертите советуваат како е најисплатливо да се грее
Со почетокот на грејната сезона и променливите есенски температури, се поголем број домаќинства ги користат инвертер клима-уредите за затоплување на своите домови. Сепак, кај корисниците често се поставува прашањето дали уредот треба постојано да работи или треба редовно да се вклучува и исклучува. Стручњаците советуваат дека постојаното рачно исклучување и повторно вклучување не е секогаш најефикасниот, ниту најисплатлив начин на користење.
In This Article:
Инвертер компресорот не почнува од нула кога еднаш ќе ја достигне зададената температура
Кај современите инвертер клими, далеку попрактично и поекономично е да се постави умерена посакувана температура и да се остави уредот автоматски да ја регулира својата работа. Кога климата ќе ја достигне зададената температура, компресорот автоматски ја намалува својата моќност и продолжува со минимална потрошувачка да ја одржува топлината, наместо повторно со максимална моќност да загрева целосно оладена просторија.
Најудобно е на 20 до 22 степени, но крилата треба да гледаат надолу
Како удобна и оптимална температура за престој во постудените есенски и зимски денови се препорачуваат околу 20 до 22 Целзиусови степени, зависно од изолацијата на домот и индивидуалните навики. За подобра распределба на топлината низ просторијата, при режим на греење е корисно крилата на климата да се насочат надолу, бидејќи топлиот воздух природно се крева кон таванот.
28 или 30 степени нема да ја загреат собата побрзо, само ќе ја зголемат сметката
Климата не мора да работи постојано доколку подолго време нема никој во домот или ако затоплувањето веќе не е потребно. Во такви ситуации, уредот слободно може да се исклучи. Дополнително, стручњаците предупредуваат дека поставувањето температура од 28 или 30 степени воопшто не значи дека просторијата ќе се загрее побрзо, туку единствено ќе предизвика климата подолго време да работи со највисока потрошувачка и непотребно да ја зголеми сметката за струја.