Брачен пар наместо во старечки дом се пензионираше на крстосувачи затоа што чини двојно поевтино
Животните трошоци во изминатите години драстично пораснаа, па животот на брод за крстосување веќе не звучи како необичен каприц, туку како сосема рационална и привлечна идеја за дел од пензионерите. Ненси и Роберт Хаученс од Шарлотсвил, Вирџинија, по пензионирањето донеле одлука што малкумина би ја замислиле како план за старост. Наместо мирен живот во дом, тие тргнале од пристаниште до пристаниште, од еден крстосувач на друг.
In This Article:
- Од голема куќа до живот што собира во багажник на пикап
- Ненси најмногу ја почувствувала разликата во куjната и чистењето
- 8.000 до 10.000 долари за старечки дом ја смениле пресметката
- Тие не бараат дестинација, туку најголем попуст
- 1.000 дена на море и пријателства што станале поважни од пристаништата
Од голема куќа до живот што собира во багажник на пикап
„Имавме голема куќа од речиси 300 квадратни метри полна со мебел, а денес сè што поседуваме собира во багажникот на еден обичен пикап“, изјави Роберт за USA Today. „Ги продадовме сите наши недвижности освен еден мал стан во Флорида, за да имаме каде да се вратиме кога ќе станеме премногу стари за постојана пловидба. Задржавме само две возила и малку лични работи во мал склад. Едноставно решивме да свртиме нов лист и да заминеме од сè.“
Ненси најмногу ја почувствувала разликата во куjната и чистењето
На брод, нивниот ден не личи на секоjдневието што го оставиле зад себе. За храната, собите, редот и многу од потребите се грижи екипажот, па животот на крстосувач им донел нешто што за многу пензионери станува поважно од дестинациите — помалку грижи. „Прекрасно ни е. Не морам да готвам, ниту пак чистам“, вели Ненси за Miami Herald.
8.000 до 10.000 долари за старечки дом ја смениле пресметката
Двојката брзо сфатила дека престојот на крстосувач не е толку скап како што многумина мислат. Иако инфлацијата ги зголеми цените на патувањата, крузерската индустрија не била погодена во иста мера. „Ова е многу поевтино отколку сместување во старечки дом или дом со постојана нега. За нас ова беше совршен избор, а верувам дека е одличен избор и за многу други луѓе“, објаснува Роберт. За споредба, месечниот престој во старечки дом за едно лице во САД вообичаено се движи помеѓу 8.000 и 10.000 долари.
Тие не бараат дестинација, туку најголем попуст
Ненси и Роберт го планираат патувањето поинаку од туристите што избираат место за одмор. „Ние никогаш не ја бараме дестинацијата, туку исклучиво најповолната понуда и најголемиот попуст“, открива Ненси. Нивниот првичен буџет изнесувал околу 4.000 долари месечно, заедно со задолжителните напојници за персоналот. Поради општите поскапувања сумата малку се зголемила, но таа покрива речиси сè што во обичен живот би се плаќало одделно: комплетна храна во неограничени количини, сместување, базени, фитнес, забава и медицинска грижа на бродот. Нема сметки за струја, вода, комуналии, регистрација или гориво за автомобил. За комуникација користат поволен роаминг и годишно патничко осигурување. Патувањата ги резервираат поврзано, директно од едно на друго пристаниште, за да не трошат непотребно пари на скапи хотелски ноќевања помеѓу пловидбите.
1.000 дена на море и пријателства што станале поважни од пристаништата
Минатото лето двојката го прослави својот 1.000-ти ден поминат на отворено море со компанијата „Карнивал“ (Carnival Cruise Line) од 1980-тите наваму. Денес со задоволство очекуваат уште безброј денови со новите пријатели што постојано ги запознаваат. Според анализите на CBS News, „пензионирањето на крстосувачи“ станува сè помасовен глобален тренд меѓу повозрасната популација. „Ние пловиме со Карнивал пред сè поради луѓето“, заклучува Роберт. „За нас целта повеќе не се пристаништата, туку самото патување, а најубавиот дел од секое патување се токму прекрасните пријателства што ги стекнуваме.“