Белата чума го испразни македонското здравство: Над 500 наши лекари во Германија отворено проговорија зошто засекогаш ја напуштија татковината
Над 500 македонски лекари и стоматолози веќе се дел од германскиот здравствен систем. Нивниот голем интерес за професионално усовршување, поврзување и взаемна поддршка беше повод за првиот историски конгрес на македонските медицински професионалци во Германија. Она што започна како професионална средба, прерасна во слика за една болна македонска реалност: генерации лекари заминале по подобри услови, појасни правила и систем во кој трудот има тежина.
In This Article:
Во Граѓанската сала на Градската црква македонските лекари првпат седнаа на иста маса
Настанот се одржа во германскиот град Солинген, во организација на новоформираната Асоцијација на македонски лекари и стоматолози во Германија. Собирот се одвиваше под мотото „Медицината поврзува 2026 – Интердисциплинарни одлуки и безбедност на пациентите“. Покрај стручните предавања посветени на безбедноста на пациентите, современиот третман на дијабетесот и врвните достигнувања во срцевата хирургија, конгресот им овозможи на македонските лекари да воспостават соработка и отворено да ги споделат своите животни и професионални патишта.
Approbation може да се чека и до пет години
Како еден од најтешките предизвици при заминувањето во странство, лекарите го посочуваат совладувањето на германскиот јазик на високо академско ниво. Потоа следува полагање на комплексниот стручен медицински јазичен испит, како и долготрајни бирократски процедури за признавање на дипломите и добивање работна лиценца (Approbation). Во зависност од германската сојузна покраина и специјалноста, целиот овој мачен процес може да трае од една па сè до пет години.
Специјализација, апаратура и систем во кој трудот се вреднува
И покрај големите пречки, бројот на македонски лекари што одлучуваат да ја напуштат земјата постојано расте. Како главни причини за заминувањето тие ги наведуваат далеку подобрите услови за специјализација, современата апаратура, можноста за фер и меритократско кариерно напредување, како и беспрекорно организираниот систем на работа каде што се вреднува трудот на секој поединец. Дел од лекарите отворено посочуваат дека во Македонија нивното стручно напредување било системски отежнато од партизација, субјективни критериуми и недостаток на основни ресурси во болниците. Токму тоа, велат, ги принудило да спакуваат куфери и својата иднина да ја градат далеку од домот.
Следната станица е Нирнберг, но врската со Македонија не се прекинува
Од Асоцијацијата најавуваат дека конгресот во Германија ќе прерасне во традиција, со редовни годишни собири во различни германски градови. Следниот собир е планирано да се одржи во Нирнберг. Сепак, лекарите нагласуваат дека не сакаат целосно да ги прекинат врските со матичната земја. Нивната крајна цел е преку „научна дипломатија“, редовни вебинари, клинички обуки и хуманитарни и стручни проекти да го пренесат стекнатото германско искуство и врвно знаење кај колегите во Македонија, директно помагајќи во унапредувањето на лекувањето на пациентите во татковината.