Американски стартап тестираше технологијата на вселенски огледала за осветлување на Земјата: проектот ги вознемири астрономите
Концептот за „сончева светлина како платена услуга“, кој интензивно го развива калифорнискиот вселенски стартап „Рефлект орбитал“ (Reflect Orbital), предизвика жестоки реакции и тревога меѓу научниците ширум светот. Астрономите отворено предупредуваат на егзистенцијални ризици од планот во Земјината орбита да се испратат илјадници сателити опремени со џиновски огледала кои ноќе ќе ја осветлуваат површината на планетата.
In This Article:
Кај Лоун Пајн, блесок посилен од полна Месечина фрлил долги сенки во пустината
Стартапот неодамна го изведе првиот практичен тест на својата контроверзна идеја. Користејќи силни рефлектори, инженерите осветлиле планински предел во пустината во Калифорнија, во близина на градот Лоун Пајн, симулирајќи го ефектот што би го имале идните орбитални рефлектори. Она што дополнително го разгоре бесот на научната заедница е фактот што компанијата воопшто не ги предупредила локалните опсерватории ниту астрономите за тајниот експеримент. Дури и локалните општински власти останале затекнати од ненадејниот блесок на небото, а сè уште не е познато дали компанијата воопшто имала соодветна дозвола за ваков зафат.
По зајдисонце, огледалата би праќале сончеви снопови кон соларни фарми
Од „Рефлект орбитал“ тврдат дека нивната визија ќе донесе револуција во зелената енергија. Нивната основна замисла е вселенските огледала да овозможат производство на струја и во текот на ноќта, со насочување светлина таму каде што соларната инфраструктура инаку би замолчела. Дополнително, компанијата нуди ноќно осветлување за спасувачки мисии при природни катастрофи и за градежни зафати.
„Не постои начин ова да се изведе без огромни негативни последици врз природата“
Експертите посочуваат дека цената на ваквата комерцијална идеја е превисока. Астрофизичарите предупредуваат дека вештачките сончеви зраци целосно ќе ги заслепат оптичките телескопи и ќе ги уништат научните набљудувања на длабоката вселена. Покрај тоа, постои сериозна опасност од трајно оштетување на видот кај љубителите на астрономијата доколку случајно го насочат својот телескоп кон сателит во моментот на одблесок. Биолозите исто така предупредуваат дека вештачкото светлосно загадување драстично ќе го наруши природниот биоритам на животните, птиците селици и цели екосистеми кои зависат од темнината. „Не постои начин ова да се изведе без огромни негативни последици врз природата“, дециден е Гаспар Бакош, професор по астрофизика на Универзитетот Принстон. Дел од аналитичарите стравуваат и од можна воена злоупотреба на сателитите за масовен видео-надзор или тактички операции. И покрај бројните петиции и протести, американската Федерална комисија за комуникации (FCC) веќе даде зелено светло за лансирање на експерименталниот сателит-демонстратор „Еарендил 1“. За да ги избегне строгите регулативи, стартапот планира своето прво вселенско огледало да го лансира со ракета од Индија, отворајќи го суштинското прашање: кој воопшто има право да тргува со природната темнина на ноќното небо?