Албанија вели „не“ на британскиот план за мигранти – Каде ќе ги испраќа Велика Британија? Дали Македонија е следна?
Британија одбива да открие со кои земји води разговори околу новиот план за враќање на одбиени баратели на азил надвор од државата. Планот за создавање центри слични на договорот со Руанда се најде во незгодна ситуација веднаш откако албанскиот премиер, Еди Рама, јавно ја исклучи можноста неговата земја да учествува во ваква шема — само еден час по посетата на британскиот премиер во Тирана.
Албанија вели „не“, Владата молчи за алтернативите
Иако британскиот премиер ја искористи посетата на Тирана за да го претстави планот за таканаречени „центри за враќање“ на одбиените мигранти, иницијативата веднаш доживеа удар кога Еди Рама јасно кажа дека Албанија нема намера да учествува во неа. Рама, висок 2 метри, на заедничка прес-конференција рече: „Бев јасен уште од првиот ден – ова е исклучиво соработка со Италија, поради нашата блиска врска и географските услови. Бевме прашани од повеќе земји, но секогаш одговаравме со не.“ Од кабинетот на премиерот на Велика Британија одбија да наведат со кои други земји се разговара за евентуални вакви центри. Портпаролот изјави: „Не можеме да излеземе пред официјалните разговори. Ќе објавиме информации кога ќе има напредок.“ Се споменуваат можности за разговори со други балкански земји како Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, како и со неколку африкански држави — но без да се наведе кои точно.
Притисок врз Стармер – пад на рејтингот и критики од опозицијата
Покрај дипломатскиот удар, премиерот Киер Стармер се соочува и со политички предизвици дома. Според последната анкета на YouGov, неговиот личен рејтинг паднал за 5 поени во последниот месец и сега е на историски минимум од -46. Особено загрижувачки е фактот што меѓу гласачите кои го поддржаа Лабуристичката партија лани, поддршката за Стармер е намалена за 34 поени. Опозициските Конзервативци го нарекоа патувањето „срамно“. Пратеникот Крис Филип изјави: „Ова беше дипломатски дебакл. Стармер отпатува во Албанија, а Рама веднаш му покажа врата. Веднаш по укинувањето на договорот со Руанда, сега се обидува набрзина да скрпи слична политика — без јасен план и без поддршка.“ И покрај критиките, Владата тврди дека останува посветена на борбата против нелегалната миграција, и дека ќе продолжи разговори со други потенцијални партнери.