69 години од смртта на Методија Андонов – Ченто: Првиот претседател на АСНОМ кој се залагаше за обединета Македонија
Поминаа 69 години од смртта на Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на АСНОМ и една од најзначајните личности во современата македонска историја. Ченто остана запаметен како политичар кој отворено се залагал за поголеми права на Македонија во рамките на тогашната Југославија, како и за обединување на Македонија со Пиринскиот и Егејскиот дел.
In This Article:
Средбата со Тито и несогласувањата околу иднината на Македонија
Во мај 1944 година Ченто, заедно со Емануел Чучков и Кирил Петрушевски, на средба со Јосип Броз Тито побарал директно обединување на Македонија. Иако Тито првично начелно се согласил со предлогот, подоцна го променил ставот, оценувајќи дека „не е време“ за таков чекор и дека треба да се почекаат поповолни околности. Ченто се залагал Македонија да има поголема политичка и финансиска самостојност во рамките на новата федерација. Бидејќи неговите барања не биле прифатени, на 14 март 1946 година самиот поднел оставка од функциите во АСНОМ и се повлекол во родниот Прилеп.
Апсењето и пресудата
Истата година тој јавно се спротивставил и на испраќањето на Македонците на Сремскиот фронт, став што го поддржал и Емануел Чучков. Набргу потоа, во јули 1946 година, Ченто бил уапсен. На судскиот процес против него сведочеле Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле, а според бројни историски толкувања, доказите биле монтирани, а целиот процес политички мотивиран. Ченто бил осуден на 11 години затвор.
Рехабилитиран по независноста на Македонија
Последните години од животот ги минал во тешки затворски услови, најмногу во Идризово, каде што сериозно му се влошило здравјето. Поради тешката болест бил предвреме ослободен, но починал на 24 јули 1957 година, на 55-годишна возраст. Децении подоцна, независна Македонија ја рехабилитираше неговата улога. Во 1990 година Врховниот суд ја поништи пресудата против него, оценувајќи дека процесот бил политички мотивиран. Денес Методија Андонов – Ченто се смета за еден од симболите на борбата за македонската државност и за човек кој своите убедувања ги платил со слободата и здравјето.